„Повеќе од игра“ е претставата со која вечерва (28 октомври), од 20 часот, во Драмски театар, а во рамки на фестивалот РУТА гостува Београдско драмско позориште. Претставата е адаптација на сценариото на Слободан Стојановиќ работено за истоимената култна телевизиска серија во бившата држава, чиј режисер е Иван Вуковиќ.

-Во четитите часа колку што трае вечерашнава претстава, на сцената ќе играат 23 актери и тројца музичари. Во овој сценски спектакл улогите им се доверени на актерите: Миодраг Радоњиќ, Јана Бјелица, Милан Чучиловиќ, Милорад Дамјановиќ, Андреј Шепетковски, Милан Колак, Љубомир Булајиќ, Даниел Сич, Иван Зариќ, Стефан Радоњиќ, Александар Алач, Риста Милутиновиќ, Арсеније Арсиќ, Александар Јовановиќ, Никола Мијатовиќ, Јана Милосављевиќ, Јово Максиќ, Стефан Старчевиќ, Бојана Стојковиќ, Ања Јосифовски, Ања Ќурчиќ, Вукашин Јовановиќ и Љубинка Клариќ. Музичари во претставата се: Иван Мирковиќ (хармоника); Никола Драговиќ (виолина); Александар Јован Крстиќ (саксофон), посочуваат од Драмски.

Во театарската белешка за оваа претстава пушува: „Слободан Стојановиќ ја поседува авторската дарба за креирање на нагласено живописни целосни ликови. Секој негов јунак, дури и оние кои лесно би ги именувале како здодевни чиновници или сурови полицајци, ја добиваат човечката димензија и стануваат блиски и разбирливи. Ваквиот пристап е препознатлив за Стојановиќ. Тоа е белег на целиот негов сценаристички опус во 70тите и 80те години од минатиот век, кога пишуваше сценарија за едни од најгледаните телевизиски серии во поранешна Југославија. Тој умееше своето имагинарно мало градче, што го нарече „Градина“, во серијата „Повеќе од игра“, да ни го претстави како вистинска заедница на сожители, место во кое – наспроти сите  разлики и судири – сограѓаните остануваат меѓусебно поврзани и емпатични. Авторовата поетика, атипична за овие простори е исчистена од цинизмот и од иронијата, додека хуморот произлегува од апсурдот на секојдневните случки, кои секако не ја исклучуваат убавината на животот во малите градчиња“.

„Претставата „Повеќе од игра“ е исклучителен драматуршки предизвик, имајќи го предвид и нејзиниот длабок траг во филмската и во популарната култура на нашиот простор. Беше нужно оригиналното сценарио внимателно да се преобликува во три засебни претстави кои можат да функционираат сосема независно, ама и да создаваат обмислена целина, кога се гледаат заедно. Во текот на адаптацијата, настојувавме да ја дочуваме поетиката на Стојановиќ. Има места кои нужно требаше да се допишат и ние како автори ги аплициравме сегментите од неговиот опус – на пример, во дефинирање на женските ликови или во третиот дел од претставата, втемелен врз недовршеното сценарио на Стојановиќ“, рече режисерот Иван Вуковиќ на денешната прес конференција во Драмски.

Истакна дека процесот на создавање на претставата бил исклучително возбудлив поради фактот што за прв пат експериментирал со режирање по сценарио од телевизиска серија и испириран од ентузијазмот на актерската игра на ансамблот што бил во иста линија на неговото режисерско видување, создале „претстава во три продолжетоци“.

Адаптацијата е на Ѓорѓе Косиќ, сценографијата Марија Калабиќ, а костимограф на претставата е Драгица Лаушевиќ. Композитор на музиката е Ирена Поповиќ-Драговиќ.

-Вечерва на фестивалот РУТА во Драмски театар публиката ќе може да ужива во компресираната верзија на претстава која како целина ќе биде заокружена на 4 часа играње со пауза, додаваат од театарот.

ИЗДВОЕНИ