– Верувам дека во процесот на подготовки на претставата сите заедно многу ќе истражуваме и ќе создадеме една моќна претстава за дисфункционалното семејство, во кое навидум сите се на број, но секој го живее својот индивидуален проблем и најважен процес е одложувањето да се каже вистината – вели Беговска

„Ова е само крајот на светот“ е насловот на новата претстава на Драмски театар – Скопје, во режија на Теа Беговска. Како што посочуваат од Драмски, пробите веќе започнале, а премиерата треба да се одржи на 7 март. Ова е и првата претстава што се подготвува во Драмски во годината кога тој одбележува 80 години постоење.

– Претставата е адаптација на познатиот текст на Жан-Лик Лагарс, кој има и филмска верзија – посочи Вељановски.

Инаку, во 2016 година, според текстот на Лагарс е снимен француски филм, во режија на Ксавие Долан, во кој главните улоги ги толкуваат Гаспар Улиел, Натали Бае, Венсан Касел, Марион Котијар и Леа Сејду..

Во претставата на Беговска, пак, играат актерите Стефан Вујисиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Александар Степанулески, Сара Климоска и Ања Митиќ.

Преводот и адаптацијата се, исто така, на Беговска. Сценограф и костимограф е Надиа Василева од Бугарија, а музиката е на Енес Беговски.

Режисерката Теа Беговска посочува дека се работи за „длабока, семејна, психолошка драма“. Таа, исто така, додава дека кога промислувала на овој драмски текст, „ги поистоветувала ликовите токму со актерите што ги избрала во оваа поделба на улогите“.

– Верувам дека во процесот на подготовки на претставата сите заедно многу ќе истражуваме и ќе создадеме една моќна претстава за дисфункционалното семејство, во кое навидум сите се на број, но секој го живее својот индивидуален проблем и најважен процес е одложувањето да се каже вистината – изјавува режисерката.

Според неа, публиката што ќе ја гледа претставата ќе може „да процени дали протагонистите во претставата успеале да ги променат работите и да нè замислат дали ја имаме можноста да разговараме, да не се доведеме до ‘крајот’ каде што веќе нема можност за комуникација“.

Драмскиот текст на претставата „Ова е само крајот на светот“ започнува со реченицата што ја изговара Луис: „Еве сум по десет години, дванаесет поточно… Значи по дванаесет години отсуство, и покрај мојот страв, решив да одам да ги видам. Во животот постојат многу причини за отсуство што се само твои и не допираат никого, освен тебе самиот. Причини поради кои си решил да заминеш без да погледнеш назад. Од друга страна, постојат исто толку причини што те тераат, сепак, да се вратиш назад. И така, по сите овие години, одлучив да се вратам, да се впуштам во оваа авантура, да отпатувам… да ја објавам мојата смрт. Да ја објавам јас лично и да се потрудам да им ја докажам на другите и на себе, за последен пат, илузијата за тоа дека до крајот… јас сум господар на сопствениот живот. Да видиме како ќе се случи тоа“.

Приказната на Лагарс, всушност, зборува за драмскиот писател Луис, кој е смртно болен и затоа ги посетува своите најблиски, со кои не се видел 12 години. Во домот, сите се нервозни и се караат меѓу себе, а особено е непријателски настроен неговиот постар брат. Единствено жената на Антоан изгледа мирно и пристојно се однесува кон него. Луис планира да им каже за својата болест, но братот набрзина го присилува да замине, лажејќи дека Луис има неодложен состанок. Мајката и сестрата Сузан не веруваат и започнува остра кавга меѓу нив и братот на Луис, кој ја напушта куќата без да ја каже вистината.

 

 

ИЗДВОЕНИ