Народниот театар Битола ќе ја одигра претставата „Ноќта кога ја убив месечината“ на Големо Езеро, на врвот од планината Баба – Пелистер, а уникатната изведба е закажана за вечерва, 9 август, во 22:00 часот. Во претставата играат Александар Копања и Марјан Георгиевски, кој е и режисер.

Локацијата е, всушност, едно од двете глацијални езера под познатиот планински врв, лоцирани на 2.218 метри надморска височина, каде што може да пристигнат само оние физички најподготвените.

– Мост. Точно на полноќ. Месечина и двајца самоубијци. Случајна или намерна средба? Овие два лика, застанати на работ од своето постоење, ги отвораат суштествените прашања за смислата на постоењето. Овој свет патува од психолошка реалност до апсурдна баналност, тој распон е огромен простор, дупка во која се пропаѓа и се прочепкува во љубовните, семејните, општествените прашања, со акцент на искривената слика на човекот денес. Капитализмот е на тест. За слободата и демократијата и колку ги злоупотребуваме, за автоцензурата и за предвреме откажаните од вистинското опстојување, за осаменоста, за заборавениот контакт, за тоа колку се загубивме трчајќи по лажните вредности. Кој е вистинскиот човек денес? Каков треба да биде? Колку маски ставаме да за да функционираме во изместената реалност, со ничкосани норми? Страв од смртта и страв од тоа вистински да се живее.

Организатори се Националниот парк „Пелистер“, НУ Народен театар – Битола и НУ Камерен оркестар на Битола.

За оние што ќе решат да ја проследат претставата, задолжителна е планинарска опрема и се препорачува обувките да се чевли или патики.

ИЗДВОЕНИ