Претставата „Малата Фрида“ во режија на Аница Томиќ, а во изведба на Градскиот театар „Жар птица“ од Загреб, Хрватска ја освои гран-при наградата на 4. издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, што се одржа од 15 до 18 октомври 2025.
-Претставата е топла, духовита, со визуелно раскошна сценографија и костими и раскажува приказна за тешките денови на малата Фрида Кало. Им зборува на децата на јасен и ангажиран начин за различностите и прифаќањето, се наведеува во одлуката на жири-комисијата која одлучуваше за наградата во состав: Игор Третињак, театролог од Хрватска, Изабела Новотни, актерка при Театарот за деца и младинци и Јулијана Мирчевска, актерка и претседателка на националниот центар „АСИТЕЖ“ Македонија.
„Малата Фрида“ беше прогласена за најдобра претстава и од страна на детско-младинското жири во состав: Бисера Мојаноска, Ведран Маричиќ, Уна Дона Силјановска, Теофрил Сачкарски, Саша Димитревска, Софија Петрушева и Јанис Далајоргос.
Наградата за најдобра режија, пак, беше доделена на Давид Зуазола за претставата „Прозорецот“ во изведба на Театарот за деца и млади „Мерлин“ од Темишвар, Романија. Оваа претстава ги доби и специјалните награди за музика за Лазар Новков, колективна актерска анимација за Роберт Копот и Лаурентиј Плеша и за визелен идентитет за Давид Зуазола и Атила Бајко.
Наградите за актерски остварувања им беа доделени на: Аманда Пренкај, за улогата на Фрида Кало, во претставата „Малата Фрида“ и на Таноси Сиорис, за извонредните актерски креации во претставата „Сино“ во изведба на театарот „Хоп Сињор“ од Атина, Грција.
Наградата за најдоба костимографија беше доделена на Дорис Крстиќ, а за сценографија на Игор Васиљев за претставата „Малата Фрида“.
Фестивалот „Игор Маџиров“, оваа година во четири денови, пред македонската публика донесе претстави од повеќе регионални детски театри, односно од Србија, Хрватска, Романија, Грција, како и од Македонија.