Претставата „Добри луѓе“ според текст на Данкан Мекмилан, во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, а во продукција на независниот театар „Златен Елец“ од Крушево и Демир Капија, на 2 и 3 август тргна на турнеја низ државата и во Босна и Херцеговина.
Во дуодрамата „Добри луѓе“ играат Филип Христовски и Тијана Трајчевска, музиката е на Ива Дамјановски, дизајнот на рекламниот материјал е на Бојана Цилевска, а продуцент е актерот Бобан Алексоски.
На 9 август, ќе се игра претставата во Радовиш, на летната сцена, а на 10 август, пред Костурницата во Велес, во рамките на програмата „Велешко лето 2025“. Потоа, на 27 август, ќе се игра претставата на планината Плачковица, во близина на Штип, во планинарскиот дом „Вртешка“. На 30 август, претставата ќе го затвори ревијалниот фестивал во Тузла, Босна и Херцеговина – „Позориште без граница“.
Театарот „Златен Елец“ уште од 2020 година, со сите претстави, патува низ државава, но и надвор од неа.
– Се трудиме секое лето да правиме мала турнеја, како што беше тоа лани со претставата „Кенди“ и „Пингвинот“ во режија на Тамара, претходно со претставата „Грета“, монодрамите „Дневникот на лудиот“, со Надица Петрова со стендап настапите, со детските претстави, со другите претстави што ги работевме – вели Бобан Алексоски.
Инаку, годинава претставата „Добри луѓе“ се играше во Драмски театар, на Неделата на независната сцена, во Младинскиот културен центар на фестивалот „Скопско лето“ и во Битеф театар Белград, Србија, а премиерата се одржа во ноември 2023 година.