Претставата „Добри луѓе“ според текст на Данкан Мекмилан, авторски материјали и инспирација од „The Relation Work Project“ (1976-80) на Марина Абрамовиќ и Улај, ќе се одржи ма 24 јуни (20:00 часот), во Младинскиот културен центар во Скопје. Претставата, која е во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, е во рамките на фестивалот „Скопско лето“.
Претставата е интимна анализа на една љубовна врска и зборува за предизвиците со кои се соочуваат љубовните двојки во денешно време и поставува едно навидум апсурдно, но легитимно еколошко и етичко прашање: Дали е оправдано да се има деца во загаден свет, во кој секое суштество создава огромни количества јаглерод диоксид, но и во свет каде што треба да се соочи тој нов живот со некои сериозни егзистенцијални проблеми со можен трагичен исход: еколошки катастрофи, пандемии и огромни економски и социјални колапси.
„Добри луѓе“ ги испитува емоционалните последици од справувањето со огромната климатска криза и тешките одлуки што секојдневно мораме да ги носиме како поединци и како општество. Се поставува и прашањето дали сме добри луѓе и дали воопшто можеме да бидеме добри луѓе во ваков анксиозен и пластичен свет, исполнет со глобална вознемиреност, лоши навики, тероризам, непостојани временски услови и со политички немири. Ликовите, како и луѓето, живеат со анксиозност, паника и притисок од надворешната околина, но тешко и бавно носат промени во своите лични постапки и се губат во системот. Грижата за околината е како маска за нивната вознемиреност и опседнатост со прашањето дали се добри луѓе. Тоа што ликовите постојано се грижат и паничат, само по себе е еден вид заменски активизам; нивната пасивна грижа станува доказ за нивната добрина и ја негира потребата за реално дејствување.
Во претставата играат актерите Тијана Трајчевска и Филип Христовски, продуцент е актерот Бобан Алексоски, рекламниот материјал го изработи Бојана Цилевска, а музиката е на Ива Дамјановски.
– Ова лето, претставата ќе се игра во: Крушево, на манифестацијата „Десет дена Крушевска република“; во Демир Капија, на меѓународниот фестивал „Без рамка“; на ВИА „Вртешка“, на планината Плачковица и на уште неколку фестивали – велат од независниот театар „Златен Елец“.