Претставата „Дедо Мраз дојде со воз“ продолжува и во 2026 година со нови термини за изведба

25

По празничниот успех и големиот интерес од публиката, специјалната мултимедијална новогодишна претстава за деца „Дедо Мраз дојде со воз“ продолжува и во 2026 година со нови термини за изведба. Настанот, кој ја спои театарската магија со вистинското возење со легендарниот воз „Шпанец“, повторно ќе ги отвори пероните за најмладите и за нивните семејства.

Поради зголемениот интерес, организаторите објавија нови термини за изведба во првите денови од јануари, и тоа на 2 јануари во 19:00 часот, на 3 јануари во 12:00 и во 19:00 часот, како и на 4 јануари во 12:00 и во 19:00 часот.

Претставата не е само сценска изведба туку и целосно доживување што започнува со интерактивна театарска приказна исполнета со музика, светло, игра и со детска радост, а продолжува на пероните, каде што најмладите уживаат во кратката прошетка со воз. Токму оваа комбинација ја направи претставата една од најпосетените празнични програми во Скопје.

Цената на билет за претставата е 500 денари, додека билетот за возење со легендарниот „Шпанец“ чини 100 денари за седиште. Билетите може да се набават на билетарницата на Железничката станица во Скопје. Можни се резервации преку е-пошта, на [email protected], како и на телефонските броеви 072 604 034 и 075 295 905.

Настанот е во организација на училиштето за театар „Од игра до претстава“, во соработка со „Македонски железници – Транспорт“ и „Македонски железници – Инфраструктура“.

Организаторите порачуваат дека токму ваквите проекти, кои ја оживуваат празничната магија и детската имагинација, се доказ дека културните содржини за деца можат да бидат креативни, интерактивни и незаборавни.

 

ИЗДВОЕНИ