Претставата „Едмонд“ според текстот на Дејвид Мемет, а во режија на Оливер Мицевски, на 28 јуни (20:00 ч.) премиерно ќе биде одиграна на големата сцена на Битолскиот народен театар. Во претставата играат: Огнен Дранговски, Валентина Грамосли, Соња Михајлова, Марјан Георгиевски, Ана Грамосли, Борче Ѓаковски, Александар Стефановски, Филип Мирчевски, Викторија Степановска-Јанкуловска и Маја Андоновска-Илијевски. Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.
Инаку, ова е петта по ред премиера годинава.
– „Едмонд“ ги следи вртоглавото / спирално патување на бизнисменот Едмонд Бурк и неговите кошмарни 48 часа во њујоршкото подземје, каде што, барајќи возбуда и среќа, од баналноста во својата канцеларија и монотониот семеен живот завршува како убиец и подоцна, како затвореник, најверојатно осуден на доживотен затвор. Богат со многу параболи, референции на Хамлет и Библијата, прошаран со несекојдневно брутален јазик и со агресивни сцени, главното прашање што го отвора тој е прашањето на слободата. Што е, всушност, слободата? Дали потрагата по слобода прави незабележливо да ѝ станеме робови на својата (потрага по) слобода. Дали откажувањето / лимитирањето на своите желби го олеснува патот кон слободата? Неслучајно, мотото на Едмонд е „Внимавај што посакуваш.” Иронично, Едмонд изјавува дека е, конечно, слободен и среќен дури на крајот, по сите перипетии, во затвор, со крајно лимитирана слобода на движење – вели режисерот Оливер Мицевски.
Тој додава дека во времето во кое живееме, каде што многу лесно може да имаме сè, кога ни е достапно сè, кога нашето „силување“ на слободата нè има направено најнесреќните луѓе во историјата на човештвото, Едмонд на Мемет е повеќе од потребен.