Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) има започнато постапка за легализација на имотот што е во сопственост на државата. Станува збор за претседателските и за премиерските вили во Скопје и во Охрид, државни објекти кои ги одржува СОЗР и управува со нив.
– Можам да кажам дека почнавме постапка за легализација на имотот што го имаме и со кој реално располагаме. Легализацијата за вилите Водно 1 и 2 e веќе завршена – тие имаат имотен лист со трајно користење на СОЗР, додека на последната седница на Владата беше завршена и легализацијата на охридските вили, премиерска и претседателска, како и две вили во Свети Стефан – рече директорот на СОЗР, Ивица Томовски на брифингот со новинарите.
Тој истакна дека постапката за легализација ќе продолжи и за државното земјиште во повеќе градови, кое според ревизорскиот извештај е во државна сопственост повеќе од три децении, но за кое недостасуваат точни податоци за намена и за користење.
– Формиравме работна група која ќе се занимава со оваа проблематика. Целта е да знаеме што реално имаме, а она што го немаме барем да знаеме дека не е во наша сопственост – додаде Томовски.
Според него, дел од земјиштето останало од времето на ЈНА и досега не е евидентирано во катастарските книги.
– Неколкупати досега се обраќавме до Катастарот и добивавме информации дека немаат податоци за овие локации – посочи тој.
Покрај легализацијата на објекти и земјиште, СОЗР планира набавка на нов државен авион. Томовски објасни дека постојниот авион е стар, со шест седишта и чести потреби за поправка, што го прави непогоден за големи државни делегации.
– Размислуваме за авион со над 14 седишта, со можност да се користи и за медицински потреби, во случај на итен транспорт на граѓанин кој има потреба од помош – рече тој.
Директорот нагласи дека државата има само едно блиндирано возило „мерцедес“ кое се користи од 2017 година, кое е старо и не ги исполнува современите безбедносни стандарди.
– Кога доаѓаат специфични гости од странство, како што беше премиерот Орбан во Охрид, тие мораат да донесат свои блиндирани возила бидејќи нашето не ги исполнува безбедносните протоколи – објасни Томовски.
Службата моментално располага со 220 возила, од кои 104 се расфрлени, а останатите се делумно или целосно нефункционални. За идните потреби, Томовски најави набавка на нови возила на оперативен лизинг, со рок на користење од четири години, како и набавка на ново современо блиндирано возило.
– Во моментот имаме 45 лизинг возила, главно „шкода суперб“, кои се користат за министри и за државни делегации. Продолжуваме со оптимизација на возниот парк за да знаеме точно што ни е потребно – истакна тој.
Во врска со ревизорскиот извештај за 2024 година, Томовски ги коментираше и наодите за разликите помеѓу сметководствената и фактичката состојба на прехранбените производи во главниот магацин на СОЗР, нагласувајќи дека постапката ја води Бирото за јавна безбедност при МВР и дека институцијата ќе соработува.
– Службата, исто така, имаше проблем со фискалните каси во објектите под нејзина надлежност, каде што до преземањето на Томовски прометот не бил регистриран. „Во рок од две недели отстранивме проблемот. Денеска функционираме непречено, со фискални каси, а прометот се внесува на дневна основа. Се забележува зголемување на дневниот промет за 310 % – рече директорот.
Томовски се осврна и на неусогласеноста за работното место „авион-диспечер“ во Одделението за превоз на воздухоплови, поради што било побрзо да се ангажира ново лице отколку да се унапреди помошникот на претходниот.
– Бев присилен да потпишам договор бидејќи се работеше за казнени поени кон институцијата, а лицето претходно дало отказ. Не би можел да понудам друга опција – објасни тој.
Во моментот, СОЗР има само двајца-тројца вработени преку Агенцијата за привремени вработувања, иако ревизорскиот извештај наведува дека имало 21 лице.
– Кога ја презедов институцијата, немав можност за примопредавање. Раководители си зедоа одмор или им заврши договорот. Денес, најголемиот дел се на определено работно време, а очекувам дека со согласност од Министерството за финансии ќе преминат на неопределено – рече Томовски.
Тој истакна дека легализацијата на државниот имот, ревизиските забелешки, набавката на нов авион и модернизацијата на возниот парк се дел од целокупната стратегија на СОЗР за подобрување на управувањето со државниот имот и обезбедување функционални и безбедни услови за работа на институцијата и за државните делегации.
(С. Бл.)












