Светот влегува во „тешка и неизвесна историска епоха“, со загрижувачки осврт кон глобалната ситуација, претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, ја започна својата порака во своето годишно обраќање до нацијата. Претседателот Токаев истакна клучни приоритети за државата во контекст на глобалните промени, технолошките предизвици и дигиталната трансформација. Под мотото „Казахстан во ерата на вештачката интелигенција: Предизвици и решенија преку дигитална трансформација“, Токаев предупреди на нови форми на закани и повика на национална мобилизација за влез во новиот технолошки светски поредок.
Зголемени тензии меѓу светските сили, ерозија на меѓународното право, засилување на екстремниот национализам, криза на мултикултурализмот и сè почести еколошки катастрофи се дел од трендовите што, според него, ја менуваат глобалната безбедносна архитектура.

„Светот се менува брзо и непредвидливо. Расте заканата од примена на вештачка интелигенција во развој на екстремно опасни оружја. Ова е целосно нова димензија на ризик за човечката безбедност“, истакна претседателот.
Дигитална револуција и нова национална стратегија
Казахстан, како држава во срцето на Евроазија, мора да се адаптира и да биде проактивен дел од новата дигитална ера, рече Токаев. Неговиот амбициозен план предвидува целосна дигитализација на земјата во рок од три години, со посебен акцент на интеграција на вештачката интелигенција во сите сектори.
Алатау – Првиот целосно дигитален град во регионот
Како симбол на дигиталната иднина на земјата, Токаев најави изградба на нов град – Алатау Сити, кој ќе има специјален правен статус, директна владина надлежност и ќе биде предводник во примена на криптовалути, паметни технологии и инвестиции. Проектот се реализира со поддршка од водечки кинески компании, а веќе се потпишани договори вредни милијарди долари.
Токаев ја потенцираше важноста на макроекономската стабилност, особено во услови на висока инфлација и глобална финансиска нестабилност. Претседателот побара конкретни мерки од Владата и Народната банка за мобилизација на банкарскиот капитал кон реалниот сектор и повика на итно донесување на нов Закон за банките, со вклучување на финтек технологии и регулирање на дигиталните средства.
Се посветува посебно внимание на сајбер-безбедноста, со оглед на растечкиот број измами и дигитални закани. Претседателот најави развој на интелигентен систем за борба против сајбер-криминал, законски измени и засилена координација меѓу финансиските и телекомуникациските институции.
Казахстан продолжува со економска диверзификација. Се планираат нови индустриски капацитети, особено во: машинската и металуршката индустрија, производство и преработка на ретки минерали, гасна и нуклеарна енергија – вклучувајќи изградба на првата нуклеарна централа со „Росатом“ и подготовка за втора и трета централа
Токаев ја нагласи потребата од нов пристап во користење на природните ресурси, со модерна геолошка мапа и интеграција на вештачка интелигенција во истражувањето.
Претседателот ја повика нацијата на единство, одлучност и визија.
„Мораме да успееме. Нема алтернатива. Иднината на нашата држава и судбината на нашиот народ зависат од тоа“, рече Токаев.
Казахстан, според него, не само што треба да ги следи светските трендови, туку и активно да учествува во нив – како држава што ја гради својата иднина врз технологијата, стабилноста и националните вредности.
Надворешна политика
Претседателот истакна дека Казахстан одржува активна и избалансирана надворешна политика, со посебен акцент на стратешките односи со Кина, Турција, САД, Русија и Европската унија. Тој ја најави и својата идна посета на седницата на Генералното собрание на ОН, каде што ќе предложи реформи на Советот за безбедност.
Нов политички курс: уникамерален парламент
Најзначајниот политички момент беше најавата за реформа на парламентот и премин од двокамерен на еднокамерен систем. Претседателот смета дека ваквата трансформација треба да биде подложена на широка јавна дебата и евентуално изгласана на референдум во 2027 година. Во новиот систем, парламентот би се избирал исклучиво преку партиски листи, во согласност со светските демократски практики.
Претседателот повика на единство, граѓанска одговорност и активно учество на граѓаните во изградбата на „Праведен Казахстан“. Тој ја истакна важноста на образованието, иновациите и дигиталната трансформација како двигатели на идниот напредок и го посочи младото поколение како главна надеж за иднината.
„Мораме да се движиме напред, без отстапки од патот што сме го избрале“, рече тој.