По големата сензација што ја приреди Шкендија во фудбалска Европа, и пласманот во третото квалификациско коло за Лигата на шампиони, веднаш почнаа споредбите за тоа кој колку вреди. За споредба, капитенот на ФЦСБ, Дариус Олару, вреди 7,5 милиони евра, два повеќе од целиот тим на Шкендија. Најскапиот играч на Шкендија вреди 600.000 евра. Станува збор за албанскиот стопер Клисман Цаке.
Оваа сензација го налути и претседателот на ФЦСБ, Џиџи Бекали, е една од најконтроверзните личности во светот на фудбалот. Неговиот клуб сега се упатува кон Лигата на Европа каде што ќе игра против косовскиот шампион Дрита во третото квалификациско коло.
- Ако сега некој клуб од Косово нè исфрли, тогаш треба да се откажеме од фудбалот. Точно така. Верувам дека нема послаб тим во квалификациите од оној против кого играме, нема послаб во моментов, истакна Бекали, кој со ист тон говореше и за Шкендија, а на крајот, тоа, очигледно, му се удри од глава.
Инаку, Џиџи Бекали со децении е една од најекцентричните и највлијателните личности во романскиот фудбал. Познат по своите испади, националистичка реторика и мешање на религијата со фудбалот, Бекали го направи фудбалскиот клуб сопствен театар. Во 2013 година заврши во затвор поради корупција и влијание во судството. Во повеќе наврати е осудуван и поради хомофобни и сексистички изјави.