Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва изјави дека повторно ќе се кандидира за претседател на изборите следната година. Доколку биде избран, тоа ќе биде неговиот четврти мандат на функцијата.
„Полним 80 години, но можете да бидете сигурни дека ја имам истата енергија што ја имав кога имав 30 години. И ќе се кандидирам за четврти мандат во Бразил“, изјави Лула за новинарите за време на официјалната посета на Индонезија, прнесе „Бета“.
По посетата на Индонезија, каде што се сретна со претседателот Прабово Субианто, Лула ќе присуствува на самитот на Здружението на земјите од Југоисточна Азија во Малезија.
Бразилските медиуми објавија дека се очекува Лула и американскиот претседател Доналд Трамп да се сретнат за прв пат за време на самитот во недела, по нивниот помирувачки телефонски разговор претходно овој месец.
Се очекува двајцата лидери да разговараат за трговската царина од 50 проценти што Трамп претходно му ја воведе на Бразил.
Бразилскиот устав им дозволува на претседателите да служат само два последователни мандати.
Лула се врати на функцијата во 2023 година, по 13 години отсуство од власт, и има право повторно да се кандидира.
Во февруари 2023 година, тој рече дека можеби повторно ќе се кандидира во 2026 година, додавајќи дека неговата одлука ќе зависи од политичкиот контекст во земјата и од неговото здравје.
Доминантна фигура на левицата во Бразил, Лула е најдолгогодишниот претседател на земјата од нејзиното враќање во демократијата пред 40 години.
Неговиот главен политички ривал, Жаир Болсонаро, беше осуден на 27 години затвор за обид за државен удар и му е забрането да се кандидира за функција.
Опозицијата во Бразил сè уште нема силен противник.