Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи беше нападнат со камења за време на изборната кампања во близина на Буенос Аирес, додека демонстрантите протестираа против корупцискиот скандал во кој како што пренесуваат медиумите е вклучена неговата сестра, Карина Милеи.
Инцидентот се случил вчера во градот Ломас де Замора, 20 километри јужно од Буенос Аирес, кога демонстрантите почнале да фрлаат камења, растенија и шишиња кон возилото во кое се наоѓал претседателот, пишува „Гардијан“.
Милеи, кој е кандидат за изборите во октомври, не е повреден и брзо бил однесен од местото на настанот од страна на обезбедувањето.
Локалните медиуми објавија вести за судири меѓу поддржувачите и противниците на либертаријанскиот лидер, при што полицијата накратко приведе две лица, пренесе германската агенција ДПА.
Неколку владини претставници за нападот ги обвинија следбениците на „кирхнеризмот“, осврнувајќи се на политичкиот табор на поранешната претседателка Кристина Фернандез де Кирхнер.
Милеи подоцна објави фотографија на X на која се смее со својата сестра и генерален секретар на неговото претседателство, Карина Милеи, и пратеникот Хозе Луис Есперт.
Инцидентот се случува додека Милеи води кампања за неговата партија Ла Либертад Аванза пред локалните избори на 7 септември во покраината Буенос Аирес.