Претседателката Сиљановска-Давкова има предлог за нов гувернер

35

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека веќе знае кој ќе биде предлогот за нов гувернер на Народната банка, но не сакаше да го открие. Таа посочи дека седнала со сите кандидати – Анита Ангеловска-Бежоска, Трајко Славески, Зоран Ставрески – и по консултацијата со експерти, донела одлука.

– Не го кажувам името, прво пред новинари. Но, веќе мислам дека знам. Она што со право создаде прашања и дебати меѓу вас, беше нешто што мислам дека би требало да се практикува за секоја функција. Да седнете со сите луѓе што се споменуваат и да разговарате. Да го прашате секого што мисли за другиот, но и што мисли дека може да направи тој. Уште повеќе, би сакала да има повеќе кандидати, но не е секогаш можно тоа – рече претседателката Сиљановска-Давкова.

Таа рече дека е важно и кој ќе биде заменик-гувернер на НБРМ.

– Тие треба да соработуваат, тоа е систем за макроекономската стабилност. Да бидам искрена, ако ги оценуваме кандидатите, оние со кои разговарав, низ призма на експертското знаење – немам проблем. Сме имале среќа во оваа држава, одлично сме се однесувале кон оваа функција. В среда ќе знам за тоа кој ќе биде предлог. Јас, во меѓувреме, консултирав и експерти од областа, луѓе што се врвни, па дури и што биле на функцијата – додаде претседателката.

Мандатот на актуелната гувернерка завршува утре.

 

ИЗДВОЕНИ