Претседателе, глупаво е да се споредува најуспешниот селектор со јогурт!

1372

Само во Македонија тој што треба да биде глас на разумот, тој што треба да покаже класа и тој што, фудбалски кажано, треба да ја спушти топката, најчесто, без убаво да размисли, долева масло и на така веќе големиот оган.

Веќе со денови спортската јавност во нашата земја се занимава со личната војна меѓу челниците од Фудбалската федерација на Македонија и поранешниот селектор на националниот тим, Игор Ангеловски. Причина за да кажат двете страни „знаеш ли кој сум јас?“ е изборот на Гоце Седлоски за наследник на Благоја Милевски. Актуелниот предводник на есенскиот шампион во Првата македонска фудбалска лига, Вардар, седнува на жешкото столче, а прв предизвик ќе му биде полуфиналниот бараж-дуел за пласман на СП 2026, против селекцијата на Данска.

Во игра за селекторската функција беше и Игор Ангеловски, кој откако дозна дека нема да се врати таму каде што го постигна најголемиот личен успех, но и најголем успех во македонската фудбалска историја – пласман на ЕП 2020, реши да удри со „дрва и камења“ по ФФМ. Популарниот Мрме напиша на социјалните мрежи дека селекторот Гоце Седлоски е ни риба ни девојка, а додаде и дека челниците во ФФМ не прават разлика, дека им е важно само да им бидат задоволени личните интереси.

– Ваков скандал, колеги „мои“ што сте во комисијата и сакате да се амнестирате, Ве молам, да не ми се јавувате. „Одважете“ се и излезете јавно! Сите сте докажани, реализирани фудбалски професионалци. Зошто дозволувате да бидете пандан зад кој се кријат „фудбалски стаорци“? – напиша Ангеловски.

Само неколку минути подоцна се јави спортскиот директор во ФФМ, Горан Пандев, кој направи кам-бек во репрезентацијата откако си подаде рака со Ангеловски, со кого беше во „љубов“ долги години.

– Се јави големиот селектор, големиот патриот. Не дочека ни шест часа да почне да „плука“. Замислениот Наполеон, експертот што во последните години не се задржа повеќе од два-три месеци во ниту еден клуб. „Шарлатан“, кој секогаш се става во прв план. Ајде со мене во пензија, доста ти беше! Помина времето на „шуто и рогато“ во ФФМ – му одговори Пандев на Ангеловски.

Гранде Пандев како да заборави дека е моментално на функција, дека претставува една институција и дека мора да покаже класа, ако не во Македонија, тоа се учи во странство, а тој има играно во целиот свет, додека Мрме моментално е без работа и сигурно го боли тоа што не е повторно селектор.

Пандев не покажа класа, а не покажа ниту првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ, кој, исто така ,реши да удри под појасот.

– Имавме убава презентација на новиот селектор, со убава порака за обединување. Човечки, културно и спортски е да се даде поддршка за избраниот. Кога избирате, има десет опции, а избирате една. Ангеловски стави некои свои лични амбиции пред репрезентацијата. Би сакал да каже кои се личните интереси што ги имаме. Јас немам такви, работам про-боно. Крајно некоректно беше веднаш да реагира, можеше да почека. Тоа кажува само за себе. Му посакувам добро здравје, да поработи на тренерските способности, бидејќи неговите последни ангажмани траеја пократко од рокот на јогуртот во супермаркет. Јас му се јавив лично двапати да му укажам дека е еден од кандидатите. Од таа причина, му кажав дека размислуваме меѓу него и Седлоски. Се одлучивме за нова енергија. Буквално ќе кажам, по таков напад мора да се каже и другата страна. Ни одговори дека би работел пак во Федерацијата и кажа дека ќе ја поддржи нашата одлука, и тоа јавно. Тоа е неговото мислење, не е во прв план – изјави Омерагиќ.

Јавноста со право е разочарана од таквиот вокабулар на првиот човек на ФФМ, затоа што тој е за во некоја биртија, а не да биде користен од него.

Омерагиќ не смее да го игнорира фактот дека Ангеловски шест години беше селектор на Македонија, дека под негово водство националниот тим избори пласман на ЕП 2020 и дека со него на чело ја победивме Германија на гостински терен.

Затоа подобро е да се фокусира Омерагиќ на своите ветувања, да реализира уште некој проект, како што го имплементираше ВАР- системот во МПФЛ и да не заборави дека кога беа во „љубов“, Пандев и Ангеловски беа дел од оние што го рушеа и на крајот го срушија сега веќе поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини.

Тогаш Пандев изјави дека Сејдини сакал да го промени селекторот Игор Ангеловски пред бараж-дуелите со Грузија и со Косово и додаде дека претседателот на ФФМ не е среќен што ќе игра Македонија на Европското првенство. (М. С.)

 

ИЗДВОЕНИ