Пресврт во трговските односи меѓу САД и Кина? Неочекувана порака од Пекинг

44

Американскит претседател Доналд Трамп со денови повторува дека неговата администрација е во разговори со кинеските претставници за можен трговски договор. Сега потврдата пристигна.

Кинеското Министерство за трговија во петокот соопшти дека „моментално разгледува“ предлози од Соединетите Американски Држави за започнување трговски разговори, што е значајна промена во тонот што би можела да отвори врата за преговори меѓу двете најголеми економски сили во светот, објави Си-Ен-Ен.

„САД неодамна испратија неколку пораки до Кина преку релевантни канали, изразувајќи ја својата желба за започнување разговори. Кина моментално ги разгледува овие пораки“, изјави портпаролот на министерството.

Оваа изјава укажува на омекнување на ставот на Пекинг, кој досега зазема цврста и непопустлива позиција во услови на ескалација на тензиите предизвикани од трговската војна што ја започна американскиот претседател Доналд Трамп.

Пекинг потврди во соопштение дека за какви било сериозни преговори, САД ќе мора да исполнат одредени предуслови.

„Трговската војна и царинските мерки беа еднострано иницирани од САД. Ако сакаат да преговараат, мора да покажат искрена намера – што вклучува исправување на грешките и укинување на зголемувањето на царините“, се вели во соопштението.

Во игра се огромни трговски текови меѓу двете најголеми економии во светот.

Претходно овој месец, Трамп ги зголеми царините за кинески стоки на дури 145 проценти, што им го отежнува извозот на многу кинески компании на американскиот пазар. Како одговор, Пекинг возврати со зголемување на царините за американски производи на 125 проценти.

ИЗДВОЕНИ