Детето убиец, Коста К., кое го изврши масакрот во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ на 3 мај 2023 година, повторно ќе биде сослушано пред Вишиот суд во Белград, како оштетена страна, во постапката против неговите родители.
Постапката против родителите на Коста почна од почеток откако Апелациониот суд ја поништи првичната пресуда. На претходното рочиште, Судот донесе одлука дека и оваа постапка ќе биде затворена за јавноста, на што се спротивставија адвокатите на одбраната, како и обвинетите Владимир и Миљана Кецмановиќ.
Адвокатот Боривоје Боровиќ истакна за „Нова“ дека сослушувањето на малолетникот К. К. е закажано на следното рочиште.
– На следното рочиште закажано за 25 март, ќе се одржи сослушувањето на малолетникот К. К. како оштетена страна. Тоа е сè што можам да кажам за денешното судење – рече Боровиќ.
Тој, исто така, спомена дека ќе се одржи рочиштето во просториите на Специјалниот суд на улицата „Устаничка“, исто како и претходно. И во претходната постапка, момчето убиец беше сослушано и сведочеше во просториите на Специјалниот суд, кој има посебни услови, со цел да се заштитат интересите на малолетниците и приватноста на семејствата на жртвите.
На првото рочиште од повтореното судење на родителите на Коста К. што се одржа во четвртокот, беа сослушувани оштетените, односно родителите на загинатите и на повредените деца. Татко на момче што било застрелано во бутот рече дека неговото дете сè уште страда од несоница, иако пие лекови за спиење. Исто така, посочи дека е постојано вознемирено и се штрека од секој посилен звук, како, на пример, пукање петарда. Тој пренесе и дека откако синот, ранет, излегол од училиштето, му рекол: „Морав да ги прескокнувам телата на децата што беа убиени и лежеа на подот“.
– Денеска присуствувавме на еден маратон на болка, кој, за жал, во ниту еден момент не ги допре обвинетите – рече адвокатот на оштетените, Огњен Божовиќ, додавајќи дека се надева дека обвинетите, по сите искази на родителите на децата, ќе успеат да ги сфатат размерите на трагедијата за која придонеле со своите дела.
Пукајќи во своето училиште „Владислав Рибникар“ пред три години, Коста К. ги уби домарот и деветмина ученици. Со првостепената пресуда, која е укината, поради што се повторува судењето, неговиот татко беше осуден на 14, а неговата мајка на три години затвор. И двајцата негираат дека на кој било начин се виновни за злосторството што го направи нивниот син.












