Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Русија е европска земја и изрази надеж дека Европската Унија ќе успее да постигне рамнотежа во односите со Москва.
Зборувајќи пред бизнисмените на новогодишниот прием во Хале, Мерц рече дека стабилноста во односите со најголемиот сосед на Европа е клучна за иднината на Европа и Германија, што донекаде е во спротивност со неговите претходни изјави кои изгледаа доста воинствено кон Русија.
„Ако успееме да го вратиме мирот и слободата во Европа, ако конечно најдеме рамнотежа во односите со нашиот најголем европски сосед, зборувам за Русија, ако владее мир и ако се обезбеди слобода, ако успееме во сето ова, тогаш Европската Унија, а со тоа и ние во Германија, ќе го положиме следниот тест и по 2026 година ќе можеме да гледаме кон иднината со доверба“, рече Мерц.
Канцеларот нагласи дека неговата изјава не е поврзана со фактот дека се наоѓа во источниот дел на Германија.
„Го велам тоа каде и да сум во Германија“, рече Мерц, додавајќи дека „Русија е европска земја“.












