Државниот секретар на САД, Марко Рубио, по разговорите со украинската делегација вчера во Женева, изјави дека американскиот тим разгледува „некои од предлозите“ што се понудени и прави некои „промени“ во нацрт-планот на САД за прекин на војната во Украина. Рубио им објасни на новинарите дека учесниците во преговорите во Женева работат на усогласување на позициите и промена на американскиот план.
Тој додаде дека се потребни прилагодувања за да се доближат тимовите до нешто со што ќе бидат задоволни и Украина и САД, објави Би-Би-Си.
Тој нагласи дека е постигнат значителен напредок во разговорите со украинската делегација, која разговараше за нацрт-планот на САД за прекин на војната во таа земја. Рубио им рече на новинарите во Женева дека смета дека клучната порака од средбите со украинската делегација е дека тоа е „веројатно најдобриот состанок досега“, објави Ројтерс.
– Значи, мислам дека клучната порака е, мислам дека ова е многу, многу значајна, би рекол, веројатно најдобрата средба и ден што сме ги имале досега во целиот овој процес, почнувајќи од кога првпат ја презедовме функцијата во јануари“, рече Рубио.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека Украина „длабоко го цени тоа што толку многу сили и лидери моментално работат на мирот“ и дека земјата е благодарна на Соединетите Американски Држави и на американскиот претседател Доналд Трамп за помошта што спасува украински животи.
– Им благодариме на сите во Европа, во Г7 и во Г20 кои ни помагаат да ги браниме животите. Важно е да се одржи поддршката. Важно е да не се заборави главната цел – да се запре руската војна и да се спречи повторно да се разгори. И за да се постигне тоа, мирот мора да биде достоинствен, рече Зеленски во објава на платформата X.
Делегации од САД, Украина и европските земји се собраа вчера во Швајцарија за да се обидат да влијаат врз предложениот мировен план на Вашингтон, за кој веруваат дека премногу ја фаворизира Москва.
Украина е под огромен притисок, оцени претседателот Володимир Зеленски, откако верзијата на планот од 28 точки на Трамп стана јавна. Документот предвидува дека Украина ќе се откаже од дел од својата територија, но и од членството во НАТО, што Киев го смета за неприфатливо.
Трамп претходно постави рок Украина да одговори на предлогот до четврток, додека рускиот претседател Владимир Путин рече дека овој план може да послужи како основа за завршување на војната.












