Црногорската полиција ѝ даде нова димензија на секс-аферата со двајцата државни службеници, Мирјана Пајковиќ и Дејан Вукшиќ, која цела недела е меѓу најпопуларните вести во регионот.
Поднесена е кривична пријава против Пајковиќ, поради сомнение дека во октомври 2024 година, му го одзела мобилниот телефон на Вукшиќ и од него испраќала фотографии и пораки со навредлива содржина без негово знаење. Според полициското соопштение, содржините од мобилниот телефон ги праќала до лица познати на Вукшиќ, создавајќи лажен впечаток дека ги испратил тој. Потоа, Вукшиќ ја контактирал Пајковиќ по телефон и ѝ упатил зборови со навредлива содржина, кои, според сомневањата на полицијата, таа тајно ги снимила со намера да ги искористи како средство за притисок.
Аферата избувна откако во јавноста се појавија експлицитни снимки од Мирјана Пајковиќ, тогашната генерална директорка на Дирекција во Министерството за човекови и малцински права на Црна Гора, за што таа го обвини поранешниот советник на претседателот на Црна Гора, Дејан Вукшиќ, и поднесе кривична пријава против него, иако тој тврдеше дека ја видел спорната содржина дури откако се појавила нелегално на социјалните мрежи. Кратко по аферата, Вукшиќ поднесе оставка од функцијата советник на претседателот Јаков Милатовиќ, додека Пајковиќ поднесе оставка од својата позиција неколку дена подоцна.












