Пресврт на самиот крај, имал ли Палевски соучесник во криењето на клучниот доказ- пиштолот со кои се убиени жртвите?

На 25 јуни пресуда за обвинетите за грабнувањата и убиствата на Вања и Панче

318

Пресврт на последното судење пред донесување на пресудата за обвинетите за киднапирањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Во својот завршен збор обвинетиот Велибор Манев го откри името на човекот што го криеше во текот на целиот судски процес од речиси една година. Член на партијата „Десна“ З.Д,  го земал и го уништил синиот ранецот во кој бил пиштолот со кој Љупчо Палевски свирепо ги ликвидирал жртвите, кажа во судницата Велибор, по што обвинителството веднаш издаде наредба да се приведе вработениот во Народната Банка. Пресудата судијата Ивица Стефановски ја закажана на 25 јуни.

Драматичен пресврт на последното судење за киднапирањата и убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски се случи кога обвинетиот Велибор Манев во својот завршен збор го прочита од листовите испишани со пенкало во затворската ќелија името и презимето на човекот кој му помогнал на првобвинетиот во уништување на клучниот доказ, ранецот со пиштолот на Палевски во него бил однесен од член на партијата „Десна“.

И кога првообвинетиот Љупчо Палевски беше уверен дека без разлика на судската пресуда го побил обвинителниот акт, а јавноста се поделила по прашањето има ли докази и мотив за грозоморниот чин, неговиот соучесник во злосторствата, Велибор Манев, го откри човекот што речиси цела година го криеше. Синиот ранец во кој Палевски го чувал пиштолот со кој свирепо ги убил жртвите, според Велибор, го земал од партиската канцеларија и го уништил член на „Десна“ и вработен како техничар во Народната Банка, З.Д. Веднаш по објавата на Велибор кој е човекот на кому Палевски му оставил задолжение да го фрли ранецот на место кое никогаш нема да може да се пронајде, обвинителството издаде наредба до полицијата членот на „Десна“ да се приведе и испраша.

„Ми се јави Љупчо Палевски од турска граница и ми рече да му се јавам на З.Д. да оди во партиската канцеларија и да го стори тоа што се договориле, да го земе пакетот да го отстрани, да го фрли или уништи, да не може да се најде. Подоцна повторно му се јавив на Палевски да му кажам дека пораката е пренесена“, кажа во судницата Велибор Манев кој според теоријата на неговиот компањон, Љупчо Палевски, тој бил организатор на кривичните дела, Боре Видевски пукал во жртвите со неговиот пиштол зброевка, а Влатко Кешишев ги возел.

Новинарите кои редовно го следат и известуваат од судскиот процес за настаните кои ја потресоа македоснката јавност, неколкупати досега ги прашуваа двете јавни обвинителки Жаклина Крстевска Јосифовска и Ана Стојковиќ Димитриевска зошто не инстистираат на откривање на лицето кое во својот исказ Велибор рече дека нема да го открие бидејќи бил семеен човек и не сакал да му наштети. На што тие објаснуваа дека тоа бил негов избор дали ќе каже или не, и оти и покрај тоа обвинителството има докази за својата теорија на настаните.

Во својот завршен збор,  Велибор плачеше и го молеше судот да ја цени неговата искреност, чувствувајќи се изманипулиран од човекот на кој слепо му верувал, мислејќи на Палевски. Принудно соработувал и учествувал во второто злосторство од страв дека ќе му наштети на семејството. „ Му бев жртвен вол, за на крај да ме напика во затвор за нешто што ни во сон не би го направил. Простете ми што излегов таква будала “, заврши Велибор покривајќи си го лицето со рацете. Палевски во ниту еден момент не се заврте само пишуваше што зборува овој.

Претходно бранителот на Палевски, не претпоставувајќи дека Велибор ќе го открие човекот кој го уништил синиот ранец на Палевски, рече дека преку „свиркач“ одбраната дознала дека неколку дена по окривањето на настаните на 5 декември близу џамија во скопско Визбегово бил најден син ранец со два пиштола, муниција и бели патики, а полицијата не направила увид на местото, туку само забележала настан во полицискиот билтен. Адвокатот Јовица Страшевски, во обид товарот на обвинението да го префрли на Манев и Видевски покажа снимки како обвинетите излегуваат од возилото рено-кангу и бришат нешто алудирајќи на траги. Отиде дотаму што ја оспори законитоста од снимките на камерите на Безбеден град, кои биле само за регистрирање на таблички, но не и за препознавање на лица, проект кој во многу метрополи се користи токму за расчистување на кривични дела. „  Обвинението е нејасно, Палевски ниту соработувал, ниту ги потикнал обвинетите. Уште 10 госини обвинителството да се  обидува нема да ги докаже кривичните дела. Дали некој виде или слушна доказ дека палевски бил организатор и убиец, адвокатот побара од судот да го ослободи Палевски бидејќи нема докази.

Во судницата во Кривичниот суд кусо во своите последни зборови, таткото на Вања Ѓорчевска обвинет дека му кажал на Палевски дека таа сама ќе оди на училиште, кажа дека на крајот од судењето не ја дознал вистината зошто е убиена неговата ќерка. „Од почетокот на самото судење имаше воведни зборови и убаво се сеќавам дека станав и изразив очекување дека се ќе дознаам. Во текот на судскиот процес цело време мижам во просторијава, меѓутоа внимателно го слушам секој збор. Сега како се сведе, се приближи кон крај процесот, имам чувство на непотполност во поглед на вистината која што очекував да ја дознаам. Еден од обвинетите го посочи Палевски како човек кој ги имал одговорите на сите прашања. Токму поради тоа и само од тие причини му се обраќам на Палевски после мене уште тој останува со завршен збор, нека стане, нека се поклони и во две реченици нека ја каже вистината. Зошто ми е убиена Вањичка? Благодарам“, рече Ѓорчевски и седна на своето обвинително столче.

По ова Палевски го започна својот маратонски завршен збор, во кој  Велибор Манев го посочи дека е организатор, Боре Видевски пукач, а Влатко Кешишев дека е стражар во кривичните настани. По оваа реченица Боре ги крена рацете и се фати за глава. Сепак Палевски не објасни како луѓе од внатрешноста, се организирале да киднапираат и убијат дете од зградата која тој ја градел, и го однесат на место кое тој добро го познавал, месноста Бразда?

„Се барав себеси и не најдов ниеден траг дека сум бил присутен во возило на две места на грабнување и на две места на убивање. ОЈО не презентира докази, а медиумите го лажат народот по наредба на ОЈО и на Гаврил Бубевски. ОЈО функционира така што прима и послушно исполнува политички наредби. ОЈО цели 5 месеци изведуваше докази, 2 месеци слушавме сведоци, но немаше сведочење како се извршени злосторствата, со ниеден сведок кој видел или слушнал било што. Морав да утврдам сѐ, како тоа за мене нема докази, а јас сум убиец – рече Палевски.

Предходно, обвинетот Боре Видевски кажа дека нема што да додаде од она што го кажал неговиот адвокат, а Влатко Кешишев рече дека многу се кае и има грижа на совста „На мене ми беше кажано да молчам, да не се мешам и да седам настрана“, рече Кешишев кој му бил домаќин на Палевски во партиското седиште.

Судот ќе ја објави пресудата на 25 јуни во 10 часот, со што ќе заврши судскиот процес за свирепите убиства на Вања Ѓорчевска и панче Жежовски. Палевски е обвинет дека е организатор на грабнувањата и убиствата на жртвите, а неговите сопартијци дека се соучесници во грозоморните дела. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ