Пресудата за легализација на четири објекти покрај „Илинденска” е политичка, смета градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во врска со судскиот предмет за кој беше осуден на казна затвор од три години и шест месеци.
Тој, претстави доказ дека е невин во осудителната пресуда и нагласи дека овие докази се однесуваат на постапката водена за легализација на четирите објекти што се наоѓаат покрај „Илинденска”.
-Интересно е што легализацијата на еден од овие објекти ја водел како полномошник адвокат Панче Тошковски. Значи, урбанистичката согласност ја подигнал тој. Интересно и натаму е што на пресметката на комуналиите, значи, документите потоа одат во Град Скопје, е потпишан Александар Јанакиески. Тој е сега раководител на Секторот за урбанизам во Гази Баба. Претходно бил раководител на сектор за урбанизам во Град Скопје, а претходно бил раководител на Сектор во Општина Центар. Господинот адвокат, сега министер, Панче Тошковски ја познава одлично оваа материја. Тој не би поднел барање за легализација како полномошник на сопственикот, од причини што Тошковски заедно со Миле Јанакиески учествуваше во тимот што го изготвуваше Законот за легализација – изјави Јакимовски.
Притоа, подвлече дека она што било најинтересно, било тоа што полномошникот Тошковски имал доставено изјава заверена на нотар, од страна на сопственикот на објектот, дека објектот го поседува повеќе од дваесет години и дека објектот бил дивоградба.
-Значи сега имаме мртва трка меѓу оној што го чита законот и оној што го правел законот. И сега треба да погодиме отприлика, кој подобро ја познава оваа материја. Ова е уште еден доказ дека во моментов оваа пресуда е само политичка и ништо повеќе. И ова само покажува дека кога е во прашање струка, тогаш адвокат Панче Тошковски совесно си ја завршил својата работа, бидејќи објектот имал право на легализација – нагласи Јакимовски на прес-конференцијата.
Градоначалникот Стевчо Јакимовски на 23 април годинава беше осуден на три години и шест месеци затвор за две кривични дела злоупотреба на службена положба, а поранешен вработен во општината доби условна казна во траење од две години. За пресудата која не е правосилна Јакимовски најави жалба.
Јакимовски минатата година се најде на црната листа на американскиот Стејт департмент.