Пет ипол години казна затвор доби бразилката Дејесус Невес Марлиене обвинета за подведување на нејзини сонароднички во Мекедонија преку интернет страница за ескорт проституција. На нејзиниот помошник, Ман Махмад сириец, со македонско државјанство ќе му се суди, бидејќи не го признава делото. Таксистот од Чаир кој ги возел девојките кај клиентите, и го предавал нивниот пазар на макроата е условно осуден, а иста казна по признавање на делото Перење на пари од Судот доби и младиот студент од Куманово. Интимната врска со една од бразилките ја уновчанил во биткоини.
Козметичарка од Бразил, стоматолог роден во Сирија, таксист од Чаир и студент на Финки биле дел од мрежата која организирала висока проституција со девојки од Јужна Америка во два стана во една од високите кули на Џеваир во Скопје и добивале 30% од валканите пари. Во Кривичниот суд се одржа првото судење на кое тројца од нив ја признаа вината, само Сириецот Ман Махмад со македонско државјанство го отфрли обвинението и нему ќе му се суди во друга постапка во која ќе се соочи со доказите на обвинителството.
Обвинетата 35-годишната Дејесус Невес Марлиене, на која козметичките услуги ѝ биле параван за подводничките, била главна организаторка на носење и продавање на девојките за придружба од Бразил. Роберта, Стефани, Викторија се имињата на дел од девојките кои за вечер наплатувале и по 800 евра. За целото време од судењето имаше преведувач на португалски, иако на паузите од рочиштето, во судскиот ходник разбираше и возвраќаше на македонски. Кога судијата Ненад Савески ја праша дали се чувствува за виновна за кривичните дела „Посредување при вршење на проституција“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“, таа сигурно одговори на нејзиниот мајчин јазик „Си“ што значи „Да“.
Клиентите кои уживале во сексуалните услуги на петте Бразилки на возраст од 26 до 38 години, ги наоѓала преку интернет-страницата за девојки за придружба од Европа. До „љубовното гнездо“ ги превезувал таксистот од скопски Чаир, татко на три деца, кој им станал драг на Бразилките, па го барале само него за такси. Но, со текот на времето услугите се прошириле и за превоз на пари. Заработката на девојките ја носел до нивните заштитници, и Марлиене. И тој ја призна вината, а неговата казна брзо ќе ја одреди Судскиот совет на чело со судијата Савевски.
Меѓу обвинетите е и 24-годишен студент на факултетот Финки од Куманово. Наизглед тивко и воспитано момче кое не зборуваше многу, освен дека е виновен за кривичното дело „Перење пари“. Немања е можеби предвреме осуден, уште од моментот кога си дозволил да се заљуби во една од девојките. Често ја носел како придружба на патувањата во Лондон и Рим, а тој луксуз го чинел и по 5.000 евра од патување. Откако влегле во интимна врска, со нејзината заработка почнале да тргуваат со криптовалути и на тој начин ги переле парите.
По пресудата, на Немања ќе му бидат одземени сите криптовалути што ги поседува. Обвинителката Сузана Кизмановска-Мирчевска го застапуваше обвинението кое изобилуваше со експлицитни фотографии од девојките објавени на интернет-страницата за проституција. Рече дека со посебните истражни мерки биле обезбедени докази за брзиот трансфер на пари за услугите во кои уживале клиентите.
Сепак, за Обвинителството за организиран криминал и корупција и натаму НН лица ќе биде посредникот од Португалија и заштитувачите на девојките во земјава. На страницата, девојките имале креирани еден или повеќе профили на кои имало телефонски броеви, ценовник на сексуални и дополнителни услуги и фотографии со експлицитна содржина.