Престана со работа Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Одлуката за прекин на работата на оваа владина институција експресно ја најави претседателот Доналд Трамп откако се врати во Белата куќа, а deneska и официјално ја соопшти државниот секретар Марко Рубио.

– Распаѓањето на УСАИД се случува по анализата пласирана вчера во медицинското списание Лансет, која проектира дека стопирањето на американската помош може да предизвика дополнителни 14 милиони загубени животи во светот, вклучувајќи и 4,5 милиони деца – објави „Хил“.

Рубио изјави дека децениската американска странска помош не донела резултати за САД.

– Развојните цели ретко биле постигнати, нестабилноста често се влошувала, а антиамериканските чувства само растеле. Ерата на владино санкционирана неефикасност официјално заврши – напиша Рубио во блог-објава.

Администрацијата на претседателот Трамп ги замрзна средствата за надворешна помош, издаде општи наредби за прекин на работата на вработените во УСАИД и им го блокира пристапот до работните станици и е-поштата.

Според анализата на Њујорк Тајмс, од 120 милијарди долари во договори што беа активни на почетокот на јануари, задржани се програми во вредност од приближно 69 милијарди долари. Станува збор за 580 хуманитарни програми, 167 здравствени програми, 65 програми за економски развој и 79 други иницијативи.

Рубио рече дека Стејт департментот ќе ја преземе распределбата на помошта за да се осигура дека програмите се „усогласени со политиките на администрацијата“. Тој вети дека помошта ќе се спроведува со „поголема одговорност, стратегија и ефикасност“.

Противниците, пак, оценија дека администрацијата на Трамп прави огромна грешка во надворешната политика.

– Затворањето на УСАИД е историска грешка и ќе ѝ наштети на позицијата на САД во светот и во конкуренцијата со Кина – напиша Р. Николас Брнс, поранешен амбасадор на САД во Кина за време на мандатот на Бајден, во објава на Икс.

ИЗДВОЕНИ