Живеам во Загреб, а сега подготвувам нова песна на македонски јазик. Автор на музиката и на текстот е Митко Чешларов, а автор на аранжманот е мојот долгогодишен соработник, но и пријател, Владимир Дојчиновски-Дојчин. Песната, најверојатно, ќе се вика „Тука си“. Ова ексклузивно го кажувам само за весникот ВЕЧЕР, бидејќи заслуживте!
Биба Додева, македонска поп-пејачка која остави длабока трага на нашата поп-сцена, но кога беше на врвот на популарноста, едноставно, се изгуби од македонската естрада. Биба лудо се вљуби во момчето Срѓан Шрепфлер, кој е од Загреб, и со него продолжи да живее во главниот град на Хрватска. Ние и понатаму ја сметаме за македонската Арета Френклин, поради моќниот глас и впечатливите интерпретации, на сите песни што ги има испеано, особено на песните: „Необичен круг“, „Кажи љубов“, „Како некогаш“, „Една добра причина“, „Јас и мојот бенд“ (со која победи на „Охрид-фест“)…
По подолга пауза, таа деновиве настапи во главниот град на Македонија, во нејзиното родно Скопје. Поводот беше концертот во чест на маестро Кире Костов. Биба феноменално (а, како поинаку?) ја испеа познатата песна „Штом се сака“, која во оригинал ја пее Верица Ристевска, и доби аплауз од публиката за кој се прераскажува. Присутните беа воодушевени и од пеењето и од нејзиниот подмладен изглед. Очигледно дека животот во дијаспората многу ѝ годи. Благодарејќи му, секако, пред сè, на сопругот Срѓан.
Со Биба се сретнавме токму пред концертот. Љубезноста, комуникативноста, позитивната енергија и почитта кон новинарската професија повторно дојдоа до израз. А, ние многу задоволни што направивме добар разговор за весникот ВЕЧЕР и за порталот vecer.press.
0 Тешко дека можеме да те видиме намуртена, нерасположена, дури и тогаш кога нема особена причина за што да се насмееш. На што се должи тоа со години да е така?
– Се должи на мојот вроден карактер да бидам секогаш со позитивни мисли, колку и да ми е тешко. А, тешко е, не велам дека ни е лесно на кој било од нас на овие географски простори. Во сите ситуации, колку и да изгледаат панично, јас сум смирена. Така си ја хранам душата, со многу оптимизам. Да не е така, би било лошо по мене и по моите најсакани. Впрочем, таква сум од мали нозе. Секогаш сакав да ги развеселувам луѓето. Кога ќе видев дека се тажни, и јас станував тажна. Тоа воопшто не го сакав. Смеата и насмевката на лицето се моите знаци на препознатливост.
0 Мене тоа ми кажува нешто друго, со оглед на тоа што со години наназад многу добро те познавам, па сè ми се чини дека подготвуваш нова песна, а таа те чини таква каква си, супер расположена, нели?
– Значи, ништо не може да ти се провлече. А, и тоа е точно, дека одлично ме познаваш. И затоа, ете, погоди дека подготвувам нова песна. Автор на музиката и на текстот е Митко Чешларов, а автор на аранжманот е мојот долгогодишен соработник, но и пријател, Владимир Дојчиновски-Дојчин. Песната, најверојатно, ќе се вика „Тука си“. Ова ексклузивно го кажувам само за весникот ВЕЧЕР, заслуживте, бидејќи ем ве сакам ем ве почитувам. Многу верувам во успехот на новата песна, а промоцијата за новинарите ќе се случи тука, во Македонија, кога песната ќе биде сосема студиски завршена. Само трпение и здравје! Бидејќи, нели тука сум, пак!
0 До промоцијата, за која се надеваме нема да се изначекаме, ќе бидеш во Загреб или тука, како што велиш, дома, во Македонија?
– Мене сега ми е дома и градот Загреб (се смее). Навистина е така! Во Хрватска сум супер примена и добредојдена од речиси сите. Оние малкумина што самите по себе се злобни луѓе, ќе ги заобиколам, таквите насекаде постојат, ќе ги сретнеш да си и на Месечина (се смее). Во Загреб одлично се снајдов, го научив хрватскиот јазик, веќе не се „расправам“ со падежите (се смее). Имам сопруг кој ми е сè на светот, а од самите луѓе сум воодушевена колку ја сакаат нашата Македонија. Нашите македонски јадења и најмногу нашата музика, а со тоа исклучително многу го сакаат Тоше Проески. Што се однесува до промоцијата, ќе биде. Кажав, бидете стрпливи. Сега-засега сум тука, во Македонија, најчесто на релацијата Скопје – Охрид и од приватни причини. Со сопругот Срѓан сакаме да си имаме некој наш заеднички убав покрив над главата во убавиот Охрид. На „нашето македонско море“, како што би кажал ти (пак, се смее)!
0 Инаку си мајка на ќерката Емануела Додева и горда баба на внукот Александар, какво е чувството, доколку тоа може со зборови да се опише?
– Исто е како и кон родителите, браќата и сестрите. Сите тие се моето најпотесно семејство. Навистина е тешко тоа да се раскажува, но да се обидам. Секогаш се на моја страна и кога не сум во право, секогаш веруваат во мене и јас во нив, секогаш ми посакуваат да бидам најсреќна во сè, а тоа и јас им посакувам. Тие се мојот светол пример за добрина, љубов, радост. Благословена сум што ги имам, ќерката и внукот.
0 Впрочем, како што е благословена и македонската забавна естрада што ја има Биба Додева за пејачка?
– Благодарам за ваков искрен голем комплимент! Среќна, пресреќна сум што сум повторно со сите вас во Македонија и што можам да ве видам живи, здрави, безгрижни. Да ве гушнам! И имам еден добар совет: верувајте во себе и во убавата иднина, не бидете никогаш заробени со црни мисли. За плачење секогаш имаме причини. И јас одвај преживував, и поради тоа што ја изгубив мајка ми од најтешката болест, но и поради некои други работи. Од тоа што е судено, не се бега, а јас велам, како во онаа песна на големиот Зафир Хаџиманов, дека од љубов не се бега! Токму така, да си го почитуваме и сакаме секој нов ден. Еден е животот!!! Дуле МИЌИЌ (фото:Вечер-ФБ)












