Со симболично чистење на дива депонија во Преспа, денеска започна кампањата за управување со отпад „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, чија цел е да се поттикне одговорноста и подобрат практиките на локалното население за правилно постапување со отпадот.

Преспа со години се соочува со проблеми во управувањето со отпадот – од несортиран отпад, преку диви депонии, до загадување на почвите и Преспанско Езеро, беше посочено на прес-конференцијата која го означи почетокот на кампањата. Оваа кампања е чекор кон решавање на тие проблеми преку едукација, соработка и вклучување на населението, фармерите, локалните институции, бизниси и училишта, кажаа говорниците.

– Влегуваме во чистење на 30 вакви локации, но и на подигање на јавната свест за селектирање на отпад, компостирање и сл. Да ги замолам граѓаните да престанат да фрлаат ѓубре, депонијата бесплатно може да ја користат – изјави градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски.

Кампањата ја спроведува Институтот за комуникациски студии (ИКС) во соработка со Еко герила Преспа и Македонското еколошко друштво во Ресен. Преку неа треба да се подобри информираноста на населението за одделното собирање, преработката и правилното отстранување на отпадот, како и за штетните последици од негово неправилно управување.

– Истражувањата покажуваат дека главните извори на загадување се ниската еколошка свест, недоволната опременост и неефикасното собирање на отпадот. Со оваа кампања сакаме да иницираме промена во секојдневните навики на граѓаните и да ги мотивираме да станат дел од решението – нагласи Дејан Андонов од ИКС.

Кампањата ќе ги потенцира специфичните проблеми во регионот, како што се ниската информираност за селектирањето на отпадот, недостигот на опрема и контејнери особено во селата, непостоењето на систем за компостирање на биоразградлив отпад и загадувањето на водите и почвата од прекумерното користење на агрохемиски препарати.

– Нашата цел е да ја разбудиме Преспа за да не дозволиме отпадот да ја уништува нејзината убавина, но и здравјето на луѓето. Кампањата е можност за сите нас – граѓани, институции, ученици, земјоделци, да придонесеме за почиста иднина – кажа Марија Ефтимовска од Еко герила Преспа.

На настанот се приклучија млади активисти и волонтери, кои со помош на механизацијата на ЈКП „Пролетер“ учествуваа во чистењето на локација во близина на преспанското село Царев Двор, која често се користи за нелегално исфрлање отпад.

Директорот на „Пролетер“ Марсел Русу најави дека комуналното претпријатие ќе работи на подобрување на услугите.

– Преку партнерство со граѓаните да дојдеме до трајно решение за отпадот. До сега ситуацијата ни беше лоша во однос на опременоста со возила, но преку проектот ЕУ за Преспа добивме камиони за собирање за смет и ќе почнеме да го собираме онаму кадешто до сега не се собираше – рече Русу.

Кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“ ќе вклучува низа едукативни и практични активности во наредните месеци – дискусии со населението, фармерите и бизнис секторот, теренски акции, јавни настани за подигање на свеста, активности во училиштата и медиумски содржини, а се спроведува во рамките на проектот „Поттикнување на промени во однесувањето на граѓаните за подобрување на практиките за управување со отпадот во регионот Преспа“, кој е финансиски поддржан од Европската Унија.

ИЗДВОЕНИ