Од алармантните податоци за повлекувањето на водата и деградацијата на влажните живеалишта, до пораките за лична и институционална одговорност, студентите и експертите испратија јасен повик: едукацијата мора да прерасне во конкретна акција. Чистата и одржлива Преспа не зависи само од стратегиите на хартија, туку од промената на навиките, системските решенија и активното вклучување на заедницата
Преспа со децении се перципира како симбол на природна рамнотежа, чист воздух и богат биодиверзитет. Но, зад таа слика денес стојат сериозни еколошки предизвици што ја отвораат суштинската дилема – дали навистина живееме во хармонија со природата или само веруваме дека таа хармонија постои?
Повлекувањето на езерската вода на Преспанско Езеро, деградацијата на влажните живеалишта и хроничниот проблем со управувањето со отпадот се највидливите симптоми на подлабока системска криза. Регион што некогаш бил синоним за природно богатство, денес се соочува со промени што директно го засегаат и екосистемот и локалното население.
Според м-р Марија Чобанова од Институт за биологија, впечатокот за односот меѓу човекот и природата е контрадикторен. Од една страна, природата е дел од секојдневието – земјоделството, прошетките и традиционалниот начин на живот сведочат за длабока поврзаност. Од друга страна, активностите што оставаат негативни последици врз природните ресурси укажуваат дека таа врска е нарушена.
Особено загрижува, како што посочи Чобанова, „интензивната промена на генерациите“, што доведува до заборавање на традиционални навики кои биле во поголема хармонија со природата. Наместо одржливи практики, сè почесто доминираат краткорочни економски интереси.
На проблемот со отпадот алармира и студентката Елена Дурловска од Истражувачко друштво на студенти биолози, родум од Преспа. Таа укажа дека расфрлањето отпад и недостигот од соодветна инфраструктура се резултат на лоши навики и на недоволна еколошка едуцираност.
– Сите фрламе ѓубре на сите страни, нема доволно депонии и дополнително, не постои доволна едукација за последиците што ги предизвикуваме врз екосистемот – рече Дурловска, додавајќи дека свеста за природното богатство постои, но не е проследена со соодветни мерки и одговорно однесување.
Нејзината порака е директна: „Ако ја снема Преспа, ќе ги снема и жителите на Преспа.“
Личната одговорност ја нагласува и Памела Петровска, исто така од Истражувачкото друштво на студенти биолози. Таа потсетува дека природните процеси се циклични и меѓусебно поврзани, а одговорноста не може да се префрла на „некој друг“. Информираноста, едукацијата и учеството во граѓански иницијативи и акции за чистење се минимумот што секој поединец може да го направи.
Од системска перспектива, Лазар Николов од Македонско еколошко друштво предупредува дека загадувањето не започнува на брегот на езерото, туку многу порано – со несоодветно управување со шумите, отпадот и отпадните води. Кога загадувањето ќе стигне до влажните живеалишта, штетата веќе е направена.
Влажните живеалишта, често нарекувани „срцето на природата“, имаат клучна улога: ја филтрираат водата, складираат јаглерод и обезбедуваат услови за богат биодиверзитет. Во Преспа, тие се сериозно загрозени, и од климатските промени и од човечките интервенции – сушење површини за земјоделство, прекумерна експлоатација на ресурси и несоодветно управување со отпад.
Овие ставови беа изнесени на дебатата „Влажните живеалишта и Преспа“, организирана од Истражувачкото друштво на студенти биолози, каде што соговорниците се согласија дека заштитата бара системски пристап: подобро управување со отпадот и отпадните води, одржливо земјоделство, обнова на влажните живеалишта и континуирана едукација.
Од Институтот за комуникациски студии (ИКС) велат дека Преспа не е само туристичка разгледница, туку жив екосистем од кој директно зависат и природата и луѓето. Оттаму сметаат дека одржливата иднина подразбира обновување на врската меѓу човекот и природата – преку конкретни политики, но и преку лична одговорност. Од дебатата беа пратени пораки дека промената мора да започне сега, пред штетата да стане непоправлива.












