
Италијанскиот калчолигаш Интер е можеби еднинствениот клуб кој сезонава му покажа заби на каталонскиот гигант Барселона кој до пред една недела важеше за апсолутен фаворит кога е во прашање трофејот во најпрестижното клупско натпреварување, Лигата на шампиони.
„Нероазурите“ одиграа одлично на гостувањето во Барселона и сосема заслужено првата полуфинална пресметка заврши без победник (3:3). Нема дилема дека денеска, фудбалскиот храм „Џузепе Меаца“ ќе биде претесен за да ги нагости сите тие кои сакаат во живо да го следат реванш дуелот кој сигурно ќе понуди голема неизвесност до последниот судиски свиреж.
Гостинот ќе биде без услугите на францускиот интернационалец Жулс Кунде, а повторно, очите на фудбалската јавност ќе бидат насочени кон 17-годишниот Ламин Јамал, кој беше вистински кошмар за дефанзивците на Интер на првиот натпревар.
На спротивната страна, теренерот на Интер, Симоне Инзаги, e во проблеми поради повредата на капитенот Лаутаро Мартинез чии настап е под знак прашалник.
-Денешниот натпревар е како финале за нас. Кој ќе победи ќе игра на „Алијанц арена“ во Минхен, а поразениот ќе остане дома. Сите знаеме како игра Барселона, дека игра висок пресинг. Веќе освоија два трофеја, а во игра се за уште два. Барса презема голем ризик со таквиот стил на игра, кој начесто вродува со плод, гледате колку имаат постигнато погодоци. Тимот кој ќе направи помалку грешки на крајот ќе се радува, изјави тренерот на Интер, Симоне Инзаги.
Неговиот колега на спротивната страна, Ханси Флик, е сфесен дека фудбалерите на Барселона мора да го подигна нивото на игра кога е во прашање дефанзивата.
-Јасно е дека мора подобро да се браниме. Интер ни покажа дека има квалитетен тим, дека е тим со многу искусни фудбалери. Имаат предност кога се во прашање прекините и таа одлично ја користат. Ова е полуфинале во Лигата на шампиони и тука играат најдобрите тимови. Интер е навистина тежок противник, а ние знаеме дека ако сакаме да играме во финалето, тогаш мора да славиме во Милано, изјави германскиот стручњак.