Поради продолжената буџетска блокада во САД, војниците веќе некое време чекаат плати. Пентагон потврди дека прифатил анонимна приватна донација од 130 милиони долари за исплата на платите на војниците.
Пентагон, најголемиот воен апарат во светот и симбол на американската моќ, се најде во необична ситуација: за време на буџетската блокада што траеше неколку недели, Министерството за одбрана на САД – кое владата неодамна го нарече Министерство за војна – прифати анонимна донација од 130 милиони долари за исплата на војниците.
Според портпаролот на Пентагон, донацијата е примена и прифатена во четврток и е дозволена со закон. Воениот буџет на САД обично се финансира исклучиво од јавни средства, па затоа плаќањето на војниците со приватни донации би било преседан – а според критичарите, можеби дури и нелегално, пишува Дојче Веле.
Во секој случај, оваа сума не може ни приближно да ги покрие реалните трошоци за плати: според информациите од порталот Политико, само во првата половина од овој месец, воените плати изнесувале околу 6,5 милијарди долари.












