Ширењето паника и страв од мигранти е насилство и Јавното обвинителство треба да се позанимава со СДСМ, повика денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој реагираше на денешните соопштенија, но и на соопштенијата од претходните денови на најголемата опозициска партија, со кои тој и Владата се обвинети за договор за примање мигранти од Велика Британија.
– Мора Јавното обвинителство да се позанимава со оваа тема. Во Кривичниот законик, ова е еден вид насилство, создавање паника, немир кај граѓаните. Оти ако еднаш-двапати демантирате и вие континуирано продолжувате со оваа тема, значи дека вие имате намера да создадете немир, паника и страв кај граѓаните и мора кривично да одговарате – рече Мицкоски во текот на престојот во Општина Бутел.
Тој додаде дека обвинувањата на СДСМ за доаѓање мигранти се небулозни, невистините и неточни.
– Еве, ќе дојдат и март, јуни и ќе нема мигранти како резултат на договорот со Британија и ќе нема кампови. Каков ќе биде тогаш одговорот на нивните пиар експерти. И тогаш СДСМ ќе освои на изборите под 100.000 гласа со петмина пратеници и ќе стане маргинална партија – нагласи премиерот, додавајќи дека на Владата не ѝ паѓа на ум да прима мигранти.
Паралелно со ова, од редовите на владејачката партија денеска најавија дека во Собранието ќе поднесат „резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
– Таа е составена од девет точки и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови. Се потврдува дека не постојат такви политики, ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на Владата на Зоран Заев поврзани со мигрантските кампови и се повикува на одговорен, јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и на меѓуетничките односи. Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно со важечките закони – најави вчера Никола Мицевски, координатор на пратеничката група.
Од друга страна, од опозицискиот СДСМ реагираа дека предложената резолуција претставува доказ за договорот „мигранти за пари“, зад кој стојат ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
– Во оваа контрарезолуција на ДПМНЕ нема јасна одредба против носењето мигранти од Британија за пари. Има игра на зборови, обид за поинакво дефинирање на мигрантите. Во неа е употребен терминот „нелегална миграција“. А не постојат легални и нелегални мигранти. Постојат само мигранти. Не постои начин да бидеш „легален“ или „нелегален“ мигрант кога бегаш од војна и ја напушташ својата татковина – потенцираат од СДСМ.
Оттаму додаваат дека со ова е потврдено сè за што зборува СДСМ и за што предупредува.
– Ова е нивно предавство на Македонија, мигранти за пари. Денеска, нивното признание го имаме и на хартија. Потпишано! – наведоа од опозициската партија. (Б. Ѓ.)
Димитриевски: Нема услови за отворање мигрантски кампови во Македонија
Во Македонија нема простор за отворање мигрантски кампови, изјави денеска претседателот на движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски.
Во обраќањето по повод двегодишнината на ЗНАМ, Димитриевски потенцира дека на иста линија се и другите коалициски партнери.
– Македонија ја заврши својата мигрантска приказна во 2000 година, со завршувањето на косовската криза. Нема простор за отворање мигрантски кампови во Македонија. ЗНАМ нема никогаш да даде поддршка, а на иста линија се и другите коалициски партнери во Владата – подвлече Димитриевски.
Според него, движењето ЗНАМ е политички субјект што е препознаен и етаблиран на македонската политичка сцена, со членство што постојано расте и има стабилна партиска инфраструктура во 53 општини во Македонија и во градот Скопје.
– Влеговме во Владата врз база на нашата програма, која стана дел од владината програма. Ја презедовме одговорноста. Побаравме и добивме одговорни ресори, Министерството за правда и Министерството за јавна администрација. Наша цел не беа фотелјите, наша цел се резултатите. Реформите во овие ресори, кои се од голема важност за функционирањето на целата држава, се спроведуваат, проблемите се решаваат – потенцира Димитриевски.
Тој ги реафирмираше петте главни столба на кои се темели политиката на партијата: интеграција на Македонија во ЕУ; современа, демократска, модерна, европска држава, втемелена на илинденските и на АСНОМ-ските вредности; самоодржлива држава; држава што испорачува правда за сите граѓани и стабилни меѓуетнички односи како столб на македонската држава.
– Тие се меѓниците што ја дефинираат Македонија како национална држава на македонскиот народ и на сите граѓани што живеат во неа, припадници на различни етнички заедници – нагласи лидерот на ЗНАМ.












