Препукувањата помеѓу Јавната установа Национален парк Шар Планина и операторот што врши скијање со ратрак-машини надвор од скијачкиот центар Попова Шапка продолжуваат по вчерашниот инцидент на терен. Од Националниот парк информираат дека институцијата веќе четврта година, во рамки на своите законски надлежности, континуирано работи на регулирање на оваа дејност, која е дозволена исклучиво под строго утврдени правила и согласно Планот за управување со Паркот.
Според соопштението, службените лица постапувале исклучиво во рамки на своите овластувања, со цел контрола на спроведувањето на законите и заштита на природните вредности на Шар Планина. Од таму нагласуваат дека инцидентот, во кој биле вклучени вработени во установата, претставува напад врз институцијата и правниот поредок, при што биле нарушени достоинството, безбедноста и здравјето на службените лица.
На местото на настанот, покрај директорот на Националниот парк, раководителот на Одделението за заштита на природата и чуварите на природа, биле присутни лица ангажирани од операторот, приватно обезбедување, сопственикот на хотел „Арена“, како и поголем број туристи. Од Националниот парк тврдат дека дел од ангажираните лица влегле во конфликт со вработените и ја попречиле нивната работа, по што во 9:15 часот бил упатен повик за полициска поддршка на бројот 112.
И покрај барањето за интервенција, од установата наведуваат дека не биле преземени мерки против сторителите, ниту било спречено понатамошното користење на возилата. Поради сериозноста на случајот, тие поднеле пријава во Полициската станица во Тетово и побарале дополнителна и темелна истрага за законитоста на постапувањето на терен.
Дополнително, од Националниот парк информираат дека за време на давањето изјава во полиција, на сметката на установата пристигнала уплата од 300.000 денари од ресторан „Арена“, со назначена намена аванс за вршење дејност со ратрак. Од таму посочуваат дека ресторанот не е оператор, нема договор со институцијата и не поседува соодветни лиценци, поради што средствата ќе бидат вратени, а за случајот е известен и Секторот за економски криминал.












