Лидерот на ДУИ, Али Ахмети за време на конвенцијата упати жестока критика кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека преку своите политики и изјави ги потценува правата на Албанците и создава опасни тензии.
„Христијане, млад си, размисли добро. Не се соочуваш со скапоцени камења или краставици, туку со добро специјализирани кадри, тимови во сите области. Мицкоски со кучиња оди на лов на зајаци, но не и на орли. Орелот не се бори со кучиња, слуги и негодници кои ги дресирате за да нè оцрните. Орли, летајте високо во синилото, кучиња, чувајте се од зајаци“, рече Ахмети.
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ упати остра критика кон лидерот на ДУИ и неговата партија, обвинувајќи ги за криминал, корупција и политички манипулации. Од партијата порачаа дека ДУИ не е партија на орли, туку на врапчиња, најавувајќи дека на претстојните избори граѓаните ќе им пресудат.
„Имаме порака до Али Ахмети: не си ти орел, туку обично врапче. А во суштина, ни вие не сте орли, туку криминални и корумпирани страчки. Најгласни се токму најуплашените“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.