Прашањата за националниот идентитет и застапеноста на етничките заедници доминираат во досегашните изборни активности, наведе Мисијата на ОБСЕ за набљудување на изборите во нашата земја, во својот преоден извештај објавен во петокот. Извештајот, кој се однесува на периодот од 5 септември до 1 октомври, е објавен на интернет- страницата на Мисијата, која дејствува во рамките на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права. Во него се наведуваат основните податоци за претстојните локални избори закажани за 19 октомври и вториот круг на 2 ноември. Мисијата констатира дека гласачите ќе ги избираат градоначалниците и советите на 80 општини и на Градот Скопјe и дека потенцијалните избори за градоначалници во втор круг ќе се одржат на 2 ноември.
– Изборите се одржуваат во политичка средина што продолжува да биде поларизирана, вклучително и од етнички аспект. Овие избори ќе се одржат во опкружување во кое преовладуваат незадоволството на јавноста од институциите и перцепцијата за корупција. Прашањата за националниот идентитет и застапеноста на етничките заедници доминираат во јавниот дискурс, заедно со дебатите за реформите што се потребни за напредок во процесот на интеграција во Европската Унија – се наведува во преодниот извештај.
Во него се додава дека изборите се првенствено регулирани со Уставот, Изборниот законик и со подзаконските акти на ДИК. Но, и тоа дека досега не е постапено по повеќе претходни препораки на ОДИХР, врзани за измените во Изборниот законик.
– Во мај, Уставниот суд ги укина одредбите за потписи за поддршка на независните кандидати; ДИК го регулираше овој аспект со барање на само два потписа откако Собранието не успеа да ја пополни законската празнина. Законските одредби за политичко рекламирање во медиумите, вклучително и онлајн, и за рекламирање на отворени простори, структурно ги ставаат во неповолна положба независните кандидати и вонпарламентарните партии, а исклучуваат одредени парламентарни партии – се нагласува во извештајот.
Меѓународните набљудувачи во својот извештај го наведуваат и она што како загриженост им го пренеле најразличните соговорници со кои досега се среќавале при своите теренски активности.
– Централизираниот регистар на гласачи (РГ) ги содржи евиденциите на околу 1,83 милиони граѓани со право на глас, од кои околу 1,72 милиони со постојан престој во земјата ќе бидат вклучени во избирачкиот список. Соговорниците на Мисијата за набљудување на изборите на ОДИХР забележаа долготрајна загриженост за значителниот број гласачи што не живеат во своето место на постојан престој, туку во странство и за фактот дека недостатоците во системот за адреси на живеење може негативно да влијаат на точноста на ИС – се наведува во извештајот.
Наведена е и загриженоста за тоа што се добиени изјави од соговорници што се загрижени за изборните активности на некои кандидати пред официјалниот почеток на кампањата. Исто така, се наведува дека кампањата на социјалните мрежи е нерегулирана во голема мера и дека имало мизогиниска реторика против кандидатките и политичкото учество на жените воопшто. (Б. Ѓ.)
Фото: ФБ ОБСЕ