Пренeсувањето на туберкулоза од животни на луѓе е исклучително ретко, нема заразени меѓу вработените

13

Зоолошка градина Скопје ја информира јавноста дека нема простор за паника во врска со неодамнешните информации за појава на животинска туберкулоза кај поединечни животни. Ваквите информации ги изнесе советникот во Град Скопје од ВМРО – ДПМНЕ, Стефан Кирков, кој обвини дека во зоолошката градина постои туберкулоза и дека тоа е причината за смртта и на европскиот бизон.

– Безбедноста на посетителите и грижата за животните остануваат наш врвен приоритет. Туберкулозата кај животни не е нова појава. Овој вид заболување е познат со децении и може да се јави и во зоолошки градини и во природата, па дури и во почва, паркови и игралишта во околината каде што живееме – уверуваат од Зоолошката градина.

Оттаму додаваат дека ризикот за посетителите е многу низок и речиси невозможен.

– Пренесувањето на туберкулоза од животни на луѓе е исклучително ретко и најчесто бара долг и директен близок контакт со болни животни, нешто што е невозможно за обичните посетители – нагласуваат од Зоолошката.

Притоа, информираат дека вработените кои со години се во директен контакт со животните, изминатиот период биле тестирани, а сите досегашни резултати биле негативни и оти нема заразени лица меѓу персоналот.

– Се преземаат строги ветеринарни и санитарни мерки и постојано се врши дезинфекција во живеалиштата. Секое сомнително или заболено животно е предмет на надзор, тестирање и соодветен третман согласно со меѓународните стандарди, а поставени се и бариери кај живеалиштата – истакнаа од Зоолошката градина.

Решено е, превентивно во наредниот период да биде изолирана и Бејби Зоо – катче кое, како што велат од Зоолошката, секако во наредниот период ќе мора да се затвори за јавност поради ниската температура.

Освен тоа, нагласуваат дека посетителите се движат по безбедни патеки и немаат близок контакт со животните, а контролата на здравјето на животните и на вработените е континуирана и под надзор на надлежните институции.

– Зоолошката градина Скопје останува целосно посветена на заштита на здравјето на посетителите, добросостојбата на животните и транспарентност во информирањето. Ќе продолжиме редовно да ја известуваме јавноста и да соработуваме со сите надлежни институции за навремена превенција и контрола – заклучуваат од оваа институција.

(А.П.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ