Старите воени возила – „БТР 70/80“, оклопните транспортери „хермелини“ и „пинцгауери“ на кои им се инсталираа посебни резервоари за вода и беа пренаменети за гаснење пожари, се покажа на терен дека имаат технички проблеми. Возачите на овие возила јавно изјавуваа дека, особено на „пинцгауерите“ им страда ламелата – не држи рачната и дека заглавува педалата за гас. За проблемите со овие возила, потврда стигна и од директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, кој им објасни на возачите како да ги возат на стрмен терен при гаснење на пожарите кои, само до пладне беа седум активни, три ставени под контрола и два изгаснати
Старите воени возила – „БТР 70/80“, оклопните транспортери „хермелини“ и „пинцгауери“ на кои им се инсталираа посебни резервоари за вода и беа пренаменети за гаснење пожари, се покажа на терен дека имаат технички проблеми. Овие возила со години беа паркирани во магацините, но, откако се распламтеа пожарите беа приспособени за потребите на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
Возачите на овие возила јавно изјавуваа дека, особено на „пинцгауерите“ им страда ламелата – не држи рачната и дека заглавува педалата за гас. Дури, едно возило во дефект кое беше транспортирано, беше дел од сообраќајна несреќа.
За проблемите со овие возила, потврда стигна и од директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
– Да, има проблем со „пинцгауерите“, страда ламелата. Ги предупредуваме возачите да внимаваат, да користат редуктори, односно да го користат овој дел од менувачот, што дел од нив не го прават. Возилото има една нормална брзина и една „спора“ брзина која се користи за лош и стрмен терен во која има поголема моќ, но помала брзина на движење и треба само да се вклучи тој редуктор (рачка) и така да се вози, нема некоја голема филозофија во ова. Тогаш, возилото има многу голема моќ, но помала брзина која и не е потребна на таков терен – објасни Ангелов во телевизиско интервју, а повикувајќи се на свое искуство при управување со овие возила во специјалните полициски едници како „Лавови“ и „Тигри“ чиј дел беше како полициски генерал.
А, во државава и натаму гори. Денеска до пладне се евидентирани седум активни пожари.
– Се уште активни се пожарите во Василево, Радовиш и Берово-село Нивичино, на планината Голем Готен и Малешевските планини каде горат нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација. Потоа, во Општина Прилеп-село Бешиште, место викано Бешишки Рид, крак кон село Градешница, каде гори мешана шума, во Општина Желино, помеѓу селата Церово и Групчин, каде гори нискостеблеста и деградирана шума, во Општина Македонски Брод-помеѓу селата Локвица и Крапа, каде горат: деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација, во истата општина во селото Грешница, каде горат мешана шума и сува трева, во селото Латово, каде гори мешана шума и во селото Црешнево каде гори ниска вегетација – соопштија од ЦУК.
Три се ставени под контрола, а два се изгаснати.
– Под контрола се ставени пожарите во Општина Прилеп меѓу селата Царевиќ и Смолани, место викано Радобилски рид, каде горат мешана шума и нискостеблеста вегетација, во Општина Македонски Брод-село Латово, место викано Маркова Стапалка, каде горат грмушки и сува трева и во Општина Штип-село Драгоево и село Селце, каде горат нискостеблеста шума, прнар и сува трева. Изгаснати се пожарите во Општина Чучер Сандево-кај далноводите и во селото Речица-Општина Куманово – информираа од ЦУК.
Ангелов повторно ги повика сопствениците на објекти надвор од урбаните средини, како викендички и куќи, навремено да се подготват и да преземат мерки за заштита од евентуални пожари.
– Ги замолуваме сите граѓани кои имаат викендички или куќи, реновирани куќи во напуштени или запоставени села, но и оние кои живеат во последните куќи во населбите и селата вклучително и оние околу градот Скопје, да ги исчистат своите дворови од вегетација. Нека изораат со мотокултиватор или трактор или веќе ако имаат трева таа нека биде одржувана и зелена, што е прилично тешко во месец јули во Македонија. Исто така и од надворешна страна на дворот нека изораат, нека има по неколку метри мек појас кој нема вегетација бидејќи од она што можеме досега да го видиме постои опасност никој да не биде поштеден од соочување со огнот – апелира Ангелов.
Владата најави дека ќе се вработат 400 пожарникари за справување со пожарите во летниот период. Според Ангелов, на огласот за привремени пожарникари се пријавиле 500 кандидати. Во Скопје бројката е мала односно пријавени се само 50 лица, а се бараа 80. Во Куманово, пак, меѓу пријавените 44 кандидати има две жени. Раководителот на Центарот за вработување Куманово, Ндерим Јашари, вели дека од прв ден имало интерес за мерката, и уште во првиот рок биле пријавени триесетина лица.
За почист воздух ќе ја чекаме гасификацијата
Последниве денови граѓаните дишат загаден воздух од пожарите кој ја зафатија земјава, тоа го потврдија и лекарите кои ги консултираше весникот ВЕЧЕР, а коктел од тешки метали вдишуваа скопјани кога гореше депонијата за хаварисани возила. Надлежниот министер за животна средина, Изет Меџити, прашан за загаденоста на воздухот од горењето на дивите депонии и пожарите изјави дека проблемот со амбиенталниот воздух ќе се надминел со гасификација на земјава.
– Десет милиони денари се издвоени за дивата депонија во Никуштак и во Кочани плус со ребалансот поминаа уште 30 милиони денари тоа се значи 500.000 евра за чистење на диви депонии и покрај тоа што тоа е во надлежност на општините. Пред неколку дена се потиша меморандум со турската компанија за гасификација на цела држава, проект кој чини милјарда евра што дирекно ќе влијае најмалку 50 до 70 % да имаме почист воздух. Имаме преговори со англиска компанија за чистење на опасниот отпад во Југохром и Лојане, Ваксинце. Стратешки го решаваме проблемот – изјави Меџити.
(С.Бл.) – (А.П.)