По десет години откако беше воведена со меѓупартиски договор, време е да се напушти моделот на постоење „пржинска влада“, бидејќи состојбата во државата веќе не бара таков концепт. Ова го сметаат политичките аналитичари откако премиерот Христијан Мицкоски, вчера, најави дека планира да свика лидерска средба со претставниците на парламентарните политички партии со цел да се постигне консензус околу укинувањето на моделот што се применува од 2016 година, при организирање парламентарни избори во земјава. Иницијативата на премиерот, која треба да се реализира во наредниве десетина дена, пред неговото заминување на форумот во швајцарскиот град Давос, цели кон нормализација на изборните процеси и кон забрзување на евроинтеграциите преку дијалог со опозицијата.
– Не би сакал да влегувам во еден таков процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е политички некултурно тоа, затоа што мислам дека треба со консензус да се носат таков вид измени во политичкиот систем. Ако велиме дека техничката влада е некаков имплант, ако велиме дека техничката влада, можеби, има проблеми и со уставноста, го кочи системот, не му дава доволно простор за маневар, ајде да ги направиме и тие измени – порача Мицкоски во интервју за телевизија „Алфа“.
Тој потсети дека пред последните парламентарни избори во 2024 година, раководството на СДСМ велело дека е за бришење на техничката влада.
– Да видиме дали стојат на тој став. Јас не би сакал да влегувам во такви измени, иако таму нема дополнителни услови, нема Бадентер – нагласи премиерот.
Политичкиот аналитичар Александар Ристевски смета дека е дојдено време да заврши приказната со „пржинските влади“.
– Дефинитивно е потребно укинување на тој модел. Форматот на техничка влада од 100 дена изгледа како да има некаква општествена и политика дестабилизација, се однесува на една поранешна и надмината состојба и не верувам дека ја има некаде во светот во тој формат – вели Ристевски во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Во 2015 година, откако беше воведен со „пржински договор“, а потпишан од тогашните лидери на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и на ДПА, моделот предвидува 100 дена пред терминот на одржување парламентарни избори, новите министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика да бидат од редовите на опозицијата. Истовремено, се назначуваат и дополнителни заменици-министри: во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика по предлог на власта, а во министерствата за земјоделство, шумарство и водостопанство и за информатичко општество и администрација по предлог на опозицијата.
Категорично одбивање од СДСМ, ДУИ чека покана
Но, лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција категорично соопшти дека партијата нема да учествува на таква лидерска средба. Според него, оваа средба е обид на Мицкоски да најде алиби за распишување предвремени парламентарни избори. Филипче рече дека СДСМ нема да биде покритие за ваквите планови.
– Средба со криминалци нема да има. Нема средба за техничка влада, Мицкоски е во тесно, му се брза и бара алиби за распишување предвремени избори. Ова што се случува е сценарио што е смислено уште лани, кое јас и СДСМ го разоткривме и за кое јавно зборувавме повеќе од два месеци. Предвремени избори, па мигранти за пари. Нема пари во буџетот, власта се брза да преземе мигранти, да земе кредит 6 милијарди евра, плус 20.000 фунти од мигрант, како што пренесоа британските медиуми. Мицкоски и тендер-коалицијата ВМРО-ЗНАМ нека си ги распишат изборите сами кога веќе сè имаат испланирано, СДСМ нема да биде покритие за оваа сценарио – нагласи Филипче.
Тој рече дека мора и натаму да постои техничка влада во системот.
– Техничката влада мора да остане, затоа што власта узурпираше сè. Ги стави канџите во правосудството, презема целосна контрола врз Обвинителството, носи измени на Кривичниот законик спротивно на препораките на Европската Унија. Тоа го прави за заштита на криминалот на власта. Донесе резолуција за укинување на слободата на говор на опозицијата, со тоа ја задуши дополнително демократијата и донесе Закон за полиција, за целосна партизација и за бркање на професионалците. Да не беа овие чекори, можеби, и можеше да се разговара, но ова е класична мафија – нагласи лидерот на СДСМ.
Од опозициската ДУИ ни изјавија дека прво сакаат да добијат официјална покана.
– Покана сè уште не е пратена, останува само најавена. Кога ќе стигне, ќе изградиме став во врска со неа – изјави денеска за ВЕЧЕР Арта Биљали, партиската портпаролка.
Во изминативе години, најголем дел од сега опозициските партии сметаа дека треба да се укине моделот на „пржинските влади“. Поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, пред парламентарните избори во 2020 година, кога беше и премиер, беше категоричен дека веќе не треба да се формира таква влада. Таа година, актуелниот премиер Мицкоски, како тогашен лидер на опозиција, пак, соопшти дека тие се против постоењето „пржинска влада“, но дека треба да постои за тие избори, бидејќи, како што кажа, „народот нема доверба кога треба СДСМ да организира избори“.
ВМРО-ДПМНЕ во 2022 година, како опозициска партија, поднесе барање во македонското Собрание да се укине „пржинскиот модел“, но тогаш беше одбиено тоа од владејачките СДСМ и ДУИ со образложение дека треба да биде „консензуално решено со сите партии“. Таа година и Левица соопшти дека е за укинување на „пржинската влада“, бидејќи е „неуставна, неефикасна и целосно нефункционална“.
Искуствата, практично, покажуваат дека најголемите политички партии го градат својот однос кон „пржинските влади“ зависно од тоа дали се наоѓаат на власт или во опозиција. Односно, и покрај начелниот став дека е потрошен овој модел, сепак, се раководат од (пред)изборните процени какво подобрување на рејтингот може да им донесе 100-дневното вклучување во Владата, на одредени позиции.
МН: Како до функционален систем за избори?
Според аналитичарот Ристевски, најважно мора да биде постоењето функционален систем, кој ќе овозможи одржување фер и демократски избори, а не собирање предизборни поени.
-– Политичките партии и нивната реторика не треба да бидат услов за функционален систем. Организирањето избори го води ДИК, која е раководена од опозицијата, треба да ги применува сите позитивни законски норми и да се санкционира секое злоупотребување и опструкција – наведува овој аналитичар.
Од друга страна, најавата и подготвеноста на премиерот Мицкоски за лидерска средба веднаш се поврза и со можноста за одржување предвремени парламентарни избори, чиј редовен термин е во 2028 година. Тој изјави неодамна дека наскоро ќе бидат отворени и разговори околу дефинирањето на новиот Изборен законик. Опозицискиот СДСМ веќе со месеци тврди дека планот на првиот човек на Владата има како главна цел одржување предвремени избори со цел да си го продолжи мандатот до 2030 година. Оттаму и овој момент може да има силно влијание за ставот на СДСМ, со кој сега би се побарало ваќење на „пржинската влада“ и на претстојните парламентарни избори со цел да има свои претставници во Владата. Слично мотивираниот став може да биде решавачки и за опозициската ДУИ и барањето да се продолжи важењето на она што било договорено пред десет години, во скопската населба Пржино.
Премиерот Мицкоски досега повеќе пати изјавуваше дека не планира да организира предвремени парламентарни избори, но и додаваше дека „опозицијата треба да внимава што посакува, бидејќи може да се случи да ѝ се оствари таа желба“.
Аналитичарот Александар Ристевски смета дека не е потребно одржување нов изборен циклус во овој период.
– Немам таков впечаток дека се оди кон предвремени избори, ниту, пак, гледам потреба од нив. Владата си тера агенда на стабилизација, изборите само ќе ги кочат процесите, а и локалните ни потврдија дека е уморен народот од постојана кампања на година-две. Овие две години Владата треба да работи и да испорача резултати – наведува Ристевски. (Б. Ѓ.)
Мицкоски: Незрело и неодговорно однесување на опозицијата
Како незрело и неодговорно однесување го оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски ставот на опозицискиот СДСМ, кој ја одби најавената покана за лидерска средба на која би се зборувало и за укинувањето на „пржинската влада“.
– Мислев дека ќе покажеме зрелост и широчина со овој повик и дека, како политички чинители, ќе можеме да се обединиме. Темата на лидерската средба не беше само за техничката влада. Ако така незрело и неодговорно се однесуваме како опозиција, нам лидерската средба не ни е ниту потребна и можевме со 61 глас во Парламентот да го изгласаме укинувањето. Но, ние сакавме целиот процес да биде инклузивен – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање при престојот во Гевгелија.
Тој додаде дека сакале да се зборува на средбата и за реформската агенда, за законите од областа на правосудството и за други области, преку еден инклузивен процес.
– Но ете, за жал, имаме незрела, безидејна и неодговорна опозиција, која се служи со вакви квалификации. Однесувањето на Филипче, очигледно, е составен дел од неговиот менаџерски договор што го има потпишано со СДСМ. Но, тоа е негов избор. Ние денес или утре ќе испратиме покани за средба, која ја планираме за 14 јануари, во Клубот на пратениците. Тие беа тие што бараа лидерска средба, а сега одбиваат. Збунува и неодговорно е ваквото однесување на опозицијата. Ние, како влада, ќе работиме и ќе сториме сè да ги придвижиме процесите – нагласи премиерот Мицкоски.
Н: Ако нема укинување, ќе мора да има нова прераспределба
Доколку не се постигне лидерски договор за укинување на „пржинската влада“, тогаш ќе мора да следува прераспределба на министерствата во кои опозицијата ќе има свои претставници. Ова од причина што актуелниот број ресори во Владата веќе не е идентичен со оној од 2016 година. Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, неодамна изјави дека новиот закон за Влада треба да биде донесен до јуни годинава. Односно, дотогаш треба да се знае дали ќе се укине „пржинската влада“, со што изборите би ги организирала Владата што е на власт или, пак, да се договорат кои од новите министерства да ги добие опозицијата со министерски или со дополнителни министерски места. Конкретно, договорот би ги опфаќал и ресорите воведени во 2024 година: Mинистерствoто за спорт, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за јавна администрација, Министерството за економија и труд, за социјална политика, демографија и млади и Министерството за култура и туризам.












