Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис денеска ја отфрли можноста за одржување предвремени избори, еден ден откако објави серија намалувања на даноците и зголемување на платите, а редовните избори се закажани за пролет следната година.
Централно-десничарската влада на Мицотакис, која беше реизбрана во 2023 година со 40,5 проценти од гласовите со ветување за зголемување на приходите, останува во водство во анкетите на јавното мислење, но нејзината поддршка падна под 30 проценти поради долготрајната криза со трошоците за живот и обвинувањата за корупција, објави Ројтерс.
„Изборите ќе се одржат напролет 2027 година“, им рече тој на новинарите во понеделник, отфрлајќи ги медиумските шпекулации за предвремени избори оваа година.
Тој додаде дека верува оти неговата партија може да обезбеди апсолутно мнозинство и да освои трет последователен четиригодишен мандат.
Мицотакис вчера објави намалување на данокот на доход и зголемување на платите во вредност од 3,5 милијарди евра, или 1,5 проценти од бруто домашниот производ (БДП), што ќе се спроведат во текот на следните четири години.
Премиерот, исто така, вети дека ќе ја намали стапката на невработеност на шест проценти до 2030 година и ќе го сведе јавниот долг под 110 проценти од БДП.
Мерките вклучуваат годишен бонус од 400 евра за пензионерите и 500 евра за државните службеници, даночна стапка од нула проценти на годишни приходи до 20.000 евра за земјоделците и семејствата со три деца и постепено намалување на авансни даночни плаќања на 50 проценти за претприемачите и деловните субјекти, пренесе „Бета“.












