Премиерот ќе го одврзе ќесето за правосудството, но ќе го брои секој денар, па дури и за тоалет

„Ресет на системот“ - ќе се контролира дијареата во судската власт

187

По неколкумесечните прозивки од страна на премиерот Христијан Мицкоски до судиите и обвинителите дека не си ја заслужуваат платата, најавите за робусни акции во правосудството и „ресет на системот“за правна држава, судиите му порачаа -доста е! Во отворено писмо, Судскиот совет, Здружението на судии и Врховниот суд му укажаа дека со неговите коментари ги поминал границите на добро однесување, и поминал во неаргуметирани и паушални напади. Судиите му на премиерот му го предочуваат последниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата, во кој се нагласува дека, најголемиот проблем во судството е независноста на судиите, од постојано мешање на извршната и законодавната власт.

„Како круцијален проблем е истакната и финансиската зависност на судството од државниот буџет, а во оваа смисла платите на судиите се само еден сегмент од финансиската независност. Ова се проблеми кои државата мора да ги поправи, бидејќи истите се суштински за Европската перспектива на земјата. Со Вашите досегашни коментари го нарушувате демократскиот принцип конципиран на рамноправност на трите власти, судската, законодавната и извршна. Судската власт е уставна категорија, а Уставот и независноста на судската власт треба да се почитуваат“, му порачаа судиите на Мицкоски.

Во многу наврати искористувајќи ги јавните настапи премиерот Мицкоски го нагласува едноцифрениот процент на доверба на граѓаните во правосудството поврзувајќи го со бараниот издаток од државниот буџет за платите на вработените во правосудните органи. Оставајќи и на јавноста да процени за писмото на судиите, премиерот им порача дека во Владата се одлучува за нивна финасиска независност, но оти ќе одговараат за секој потрошен денар од граѓаните.

„Да не се случи после дел од нив да се најдат на обвинителска клупа како обвинети, рече премиерот Мицкоски, очекувајќи од Брисел одлична оценка по интервенцијата во судско-обвинителскиот буџет.

-Анализираме неколку модели од Европа, колкав е тој процент од Буџетот, но, треба да знаат дека во тој момент одговараат за секој денар пари потрошени до вас граѓаните. Од хигиенски препарати па се до реконструкција на институциите. Ќе го добијат тоа. Сами нека вработуваат, сами нека се грижат за сите оперативни трошоци, сами нека си дават плата во рамки на Буџетот кој што ќе биде процент онаков каков што е во неколку примери кој што ги дефиниравме, изјави премиерот Мицкоски.

Додека премиерот вети дефинирање на буџетскиот процент за правосудството за нешто повеќе од нула, државниот обвинител Љупчо Коцевски побара од пратениците во Собранието повеќе пари за вработувања и ефикасни истраги во Буџетот за следната година. Ако е извесно дека Коцевски ќе биде разрешен токму во собраниска атмосфера, тогаш неговите заложби можат да се протолкуваат како чисто протоколарни.

„Имам обврска да ви укажам дека состојбата со која сме соочени станува алармантна. Повторно, и за следната година, наместо законски предвидениот минимум од 0,4% од вкупниот буџет, се предлагаат едвај околу 0,2% за потребите на обвинителството, им се обрати Коцевски на пратениците на расправата за Предолг буџетот.

Парите не се за покачување на платите на обвинителите, туку за вештачења и скапи истраги за економски криминал, се заклучи од обраќањето на Коцевски.  Наспроти забелешките од Мицкоски дека не си ја работат работата за што се платени, Коцевски ги наброја истрагите за пожарот во дискотеката „Пулс“, „Онкологија“ и „Адитив“.

„Ако треба да зборуваме за учинок, на годишно ниво, минатата година обвинителствата решија околу 20 илјади предмети, а дополнително се постапува и во предистрага, им кажа Коцевски на пратениците во обидот да издејствува повеќе средстав за работа за догодина.

Премиерските забелешки кон обвинителството и судството се засилија откако тој јавно обелодени дека имало обвинители кои по кривичните пријави против поранешни владини функционери ги фаќало дијареа.

„Очекувам малку поголем фокус да имаат во справувањето со криминалот и корупцијата, но тоа пред сè важи за обвинителите кои што сред акција кога треба да потпишат налог за претрес или приведување, ќе повторам, добиваат главоболка, покачена температура, грчеви во стомак, дијареа“, рече Мицкоски пред скоро година. Наративот се засили па највуваше „робусна акција“ поткрепувајќи ја со недовербата на граѓаните во правосудството.

Постапката за разрешување на обвинителот беше стопирана поради ефикасноста на истрагата за случајот Кочани, за да повторно беше актуелизирана предизбрно, дека ќе се реализира постизборно. Во меѓувреме од Брисел стигна лоша оценка за правосудните реформи. Непостапувањето по измените во Кривичниот законик во членовите за Злоупотреба на службената положба и овластување и неефикасноста во борбата против корупцијата, поради недоволно финасии за работа на истражните органи, се клучните забелешки во извештајот. (П.А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ