ПРЕМИЕРОТ ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ УТРЕ ЌЕ БИДЕ ДОМАЌИН НА МЕЃУПАРТИСКИОТ ДИЈАЛОГ ЗА БРОЈНИ ПРОБЛЕМИ: Ќе ѝ се пресуди ли на „пржинската влада“?   

На средбата, на која ќе учествува поголем дел до партиите што имаат пратенички групи во Собранието, треба да се постигне договор околу натамошното (не)постоење техничка влада 100 дена пред парламентарни избори, па сè до деблокада на бројни закони што не може да се изгласаат поради ставот на опозициската коалиција НАИ, предводена од ДУИ. Интегративците, по седницата на партискиот Генерален совет, денеска попладне треба да донесат одлука дали ќе го следат отсуството на СДСМ или ќе дојдат во Клубот на пратеници

130

Укинувањето на „пржинската влада“, деблокирањето на процесот на усвојување на повеќе закочени закони поради необезбедувањето Бадентерово мнозинство, изборот на нов народен правобранител, обезбедувањето предуслови да почне да функционира системот „Сејф сити“ се меѓу бројните теми што ќе се најдат утре на маса пред партиските лидери, во скопскиот Клуб на пратеници. Но, дали ќе се најдат и решенија, ќе зависи како од подготвеноста на лидерите за компромиси така и од нивното учество на средбата. По поканата од домаќинот, премиерот Христијан Мицкоски, своето присуство досега го потврдија најголем дел од политичките партии што имаат свои пратенички групи во македонското Собрание: ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“, движењето ЗНАМ, Левица… Но, најголемата енигма сега се врзува за присуството на претставник на коалицијата НАИ, предвидена од ДУИ, која вчера попладне требаше да ја донесе одлуката за тоа, на седница на Генералниот совет. Генералниот секретар на ДУИ, Арбр Адеми, денеска изјави за весникот ВЕЧЕР дека ќе донесат одлука откако детално ќе ги анализираат сите аспекти на учеството на средбата.

– Одлуката дали ќе се појавиме или не на лидерската средба ќе биде донесена зависно од дискусиите на членовите на Генералниот совет. Како државотворна партија, ние секогаш се залагаме за суштински дијалог, со добро утврдената агенда. За утрешната средба, предложен е опширен дневен ред и затоа во наши редови постојат дилеми околу учеството, околу тоа што и како натаму. Затоа и опсежно ќе се анализира дали да се оди на средбата – рече Адеми.

Свое отсуство на денешниот состанок, уште минатата недела, најавија опозициските социјалдемократи, кои се категорично против укинувањето на техничката влада поради криминалите за кои ја обвинуваат актуелната власт.

Укинувањето на техничката влада без консензус

Со ова практично се поставува прашањето околу тоа на кој начин ќе се донесуваат одлуките што натаму би биле изгласувани во македонското Собрание. Ова најмногу се однесува на прашањето за укинување на „пржинската влада“, а што ќе биде една од првите и најважнит теми. Односно дали ќе се донесе одлука за незино укинување на лидерската средба, без консензус, со оглед на извесното отсуство на најголемата опозициска партија – СДСМ. Моделот на техничка влада, кој се применува веќе цела деценија 100 дена пред секои парламентарни избори, беше донесен во 2015 година со консензус на тогаш четирите најголеми партии: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА. Но сега, поради отсуството на социјалдемократите, укинувањето би било со мнозинство гласови на претставниците на партиите. Премиерот Мицкоски неодамна изјави дека со оглед на владиното мнозинство во парламентарните клупи, може лесно и брзо да се изгласа укинување, но тој не посакува таков начин.

– Не би сакал да влегувам во таков еден процес без да имаме консензус, затоа што мислам дека е тоа политички некултурно, затоа што мислам дека треба да се носат таков вид измени во политичкиот систем со консензус – рече тогаш премиерот.

Сепак, очигледно, првиот човек на Владата утре ќе биде пред предизвикот дали да оди кон укинување на „пржинска влада“ или да го остави во примена и за следните парламентарни избори. Тука, сигурно, свое влијание ќе имаат и ставовите на другите лидери, од кои најголем дел сметаат дека веќе треба да се пресели тој модел во минатото и таквата одлука да биде изгласана во македонскиот Парламент. Доколку, пак, се случи тоа и одлуката за укинување на „пржинската влада“ да се донесе со мнозинство гласови на лидерите на најбројните партии, тогаш се отвора дилемата дали и во иднина ќе се носат одлуките на лидерски средби со мнозинство гласови или со консензус.

Од коалицијата „Вреди“ денеска изјавија дека нивниот претставник, Билал Касами, денеска ќе го поддржи укинувањето на „пржинската влада“.

– Ние мислиме дека веќе не е потребно и натаму да постои техничка влада. Локалните избори покажаа дека и без неа може да се организираат фер и демократски избори. Не е нормално една држава што е пред вратата на ЕУ да има таква техничка влада. А за изборниот модел, уште не сме решиле. Една изборна единица е само еден предлог. Има повеќе: со три изборни единици, со осум изборни единици, со отворени листи. Има еден сет предлози, се дискутира за оваа тема без еден краен предлог – изјави координаторот на „Вреди“, Беким Ќоку.

Принципот на консензус или, пак, на мнозинско одлучување ќе дојде до израз и во однос на промените во Изборниот законик, кои, сигурно, ќе се најдат на маса пред нив. Односно дали ќе се донесе одлука за воведување само една изборна единица или да продолжи досегашниот модел со шест изборни единици. Барањето за тоа Македонија да биде само една изборна единица е веќе старо барање на повеќе партии, а премиерот искажа условна подготвеност за тој модел. Меѓутоа, не сите партии сметаат дека треба да се смени моделот, а постојат разлики и околу прашањето колкав цензус би бил определен за партиско влегување во Парламентот. Опозициските партии како Левица, ЛДП, но и партиите од владината коалиција, бараат една изборна единица. Лидерката на либералдемократите, Моника Зајкова, вчера реагира за тоа што не е поканета на денешната средба.

– Поканети се партиите што имаат пратенички групи. Јас не сум поканета, затоа што, иако сме парламентарна партија, очигледно сметаат дека не треба да го кажеме нашето мислење – изјави таа за весникот ВЕЧЕР.

Како до поддршка за закочените закони?

Паралелно со ова, од тоа дали денес ќе дојдат претставниците на ДУИ ќе зависи и прашањето како да се деблокира усвојувањето повеќе закони и избор на раководители во Собранието. Веќе со месеци, поради противење на ДУИ, не може да се избере нов народен правобранител, бидејќи интегративците сметаат дека предложениот кандидат е „партиски војник на Вреди“. Завчера на виделина излезе и тоа дека во Парламентот не може да се изгласаат измените на Законот за прекршоци, без кои на 1 февруари нема да може да започне системот „Сејф сити“. И таму пратениците на НАИ одбиваат да обезбедат Бадентерово мнозинство бидејќи сметаат дека не се добри решенијата.

– Нашите главни забелешки за овие измени се однесуваат на тоа дека не треба да имаме еден силен репресивен систем, туку да има поголема толеранција. За тоа инсистираме – објаснува Арбр Адеми за ВЕЧЕР.

Со ова, само уште дополнително се зголемува бројот на предложени закони за кои не може да се обезбеди Бадентерово мнозинство. Познато е, интегративците неодамна објавија дека се противат на донесувањето на новопредложениот закон за соодветна и правична застапеност, кој го помина филтерот на Венецијанската комисија. Уште отпорано ДУИ се противеше на измените во Законот за локална самоуправа, кој треба да воведе можност за разрешување на општинските градоначалници преку референдум на граѓаните, како и воведување комунални редари, градски архитекти и друго. Без договор со НАИ, извесно, ќе биде во прашање и донесувањето на другите закони од реформската агенда, кои сега се многу важни за Владата и за премиерот Христијан Мицкоски.

Од ДУИ ни рекоа дека главниот проблем е во процесот на подготвување на тие закони.

– Во тој процес, потребен е инклузивен процес. При креирањето на таквите прописи, потребен е консензус. И ако има интенција да има консензус, тогаш нема да има проблеми, но ако некому му е интенција да нè стави пред свршен чин, тогаш тоа е неприфатливо – ни рече Адеми. (Б. Ѓ.)

СДСМ: Техничката влада мора да остане

Од опозицискиот СДСМ и вчера повторија дека техничката влада мора да остане.

– Таа е единствена шанса, единствен обид за некакви минимални услови за фер избори. Актуелната власт на тендер-коалицијата ВМРО –ЗНАМ ги злоупотребува институциите и државните ресурси за партиски и криминални цели. На Мицкоски и на ВМРО им се брза со предремени избори и мигранти за пари, но факт е дека не се созреани условите во општеството за укинување на техничката влада поради криминалната власт. Во вакви услови, укинувањето на техничката влада би значело директен удар врз демократијата и загрозување на волјата на граѓаните – се наведува во партиското соопштение.

 

ИЗДВОЕНИ