По првиот состанок на новоназначената влада, новиот чешки премиер Андреј Бабиш денес нагласи дека е за Европската Унија, но дека таа не решава некои проблеми, вклучително и проширувањето на Шенген зоната кон земјите од Западен Балкан.
„Не разбирам зошто ЕУ одамна не одлучи да ја прошири Шенген зоната кон земјите од Западен Балкан за да ја брани нашата Европа на море од шверцери кои ги злоупотребуваат овие луѓе и им ветуваат подобар живот, а само им ги земаат парите“, рече Бабиш.
Премиерот Бабиш објави дека на дневен ред за првата работна седница на новата чешка влада во вторник ќе бидат вклучени и итни европски прашања.
„Ќе ги отфрлиме новите дозволи за емисија на гасови ETS2 затоа што станува збор за нов зелен данок, ќе го отфрлиме миграцискиот пакт, ова ослободување за нас за кое слушаме е само за една година“, рече Бабиш, додавајќи дека на претстојниот самит на ЕУ ќе учествува и на состанокот на земјите кои ги отфрлаат новите европски решенија за миграцијата, организиран од Данска, додека во среда ќе се сретне со лидерите на земјите од Западен Балкан.
Новиот чешки премиер нагласи дека тој и неговата партија АНО отсекогаш се бореле за интересите на Европа, но дека ЕУ сега ја губи конкурентноста и не решава проблеми како што се енергетиката, даночната евазија или царинските измами.
Кога станува збор за европскиот пристап кон војната во Украина, Бабиш рече дека Чешка сигурно ќе продолжи со хуманитарната помош за Украина и ќе ја поддржи целата помош што доаѓа во Украина од повеќегодишниот буџет на ЕУ, но не изјави дали ќе го прифати или отфрли предлогот за користење на замрзнати руски средства за помош на Украина.












