петок, февруари 13, 2026
Дома КУЛТУРА Премиерна изведба на претставата „Лов на дива свиња“ во рамки на „Скопско...

Премиерна изведба на претставата „Лов на дива свиња“ во рамки на „Скопско лето“

96

Со почеток во 20:30 часот на малата сцена на Македонскиот народен театар во рамки на фестивалот „Скопско лето“ премиерно ќе биде изиграна театарската претстава „Лов на дива свиња“ – македонско-црногорски проект што тематизира семејно насилство. Авторка на текстот е црногорската писателка Марија Сарап, а режисер е Наташа Поплавска.

Претставата е во копродукција на Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје.

Во претставата играат актери од двете земји: нашите Искра Ветерова-Славенска, Ана Стојановска и Мина Јелушиќ-Јериниќ и гостите од Црна Гора – Ѓоргије Татиќ и Вукан Пејовиќ.

Драмата „Лов на дива свиња“ на црногорската авторка Марија Сарап претставува силен уметнички израз за искуството на жената на Балканот – жена која е маргинализирана, исклучена и протерана затоа што не се вклопува во очекуваните општествени модели на сопруга и мајка. Преку интимната приказна за мајка на која ѝ е ускратено правото на дете, авторката ги отвора универзалните прашања за правото на глас, автономијата и идентитетот на жената во современото патријархално општество. Оваа драма е важна, бидејќи ѝ дава глас на жената избришана од наративот. Нејзината вредност не е само уметничка – таа е и општествена и политичка интервенција.

По потпишувањето на меморандумот за соработка, претставата ќе се реализира во копродукција помеѓу Македонскиот народен театар, Градското позориште од Подгорица и Здружението за развивање на уметност и културна соработка „Арт Медиа“ од Скопје. Премиерната изведба во Подгорица, Црна Гора, е планирана за септември. Претставата е дел од Националната програма за култура за 2025 година и финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и од Градот Подгорица, Црна Гора, како и од компаниите: „Виталиа“ од Скопје, хотелот „Мериот“ и рестораните „Дистрикт“, „Тренд“ и „Шпајз“.

На прес-конференција по повод премиерата, Сарап кажа дека се работи за приказна за „демоните што ги ловиме цел живот во себе и се обидуваме да ги избркаме од себе за да бидеме подобри луѓе“.

Режисерката Поплавска додаде дека се работи за „женска тема со јасна порака, приказна за семејно насилство и семејни тајни, демони што се пренесуваат во фамилијата“.

-Женски крик за сите жени кои доживеале барем малку од она што ќе се види на сцената, за жени кои молчеле и се прашувале дали да кажат и кому да се обратат. Ова е апел и до институциите. Мисијата сме ја постигнале ако барем некој во публиката се реши да си каже: Доста е!, рече Поплавска.

По праизведбата во МНТ, „Лов на дива свиња“ ќе има премиера и во Градско позориште Подгорица планирана за септември.

ИЗДВОЕНИ