Премиерката на Данска: Нема да попуштиме пред неприфатливиот притисок од САД

139

Данската премиерка Мете Фредериксен изјави во понеделник дека нејзината земја нема да попушти пред „неприфатливиот притисок“ од САД за контрола на полуавтономната данска територија Гренланд, предупредувајќи дека правото на самоопределување на народот на островот е доведено во прашање.

„Светскиот поредок што го градевме со генерации се соочува со предизвици како никогаш досега“, рече таа во говорот по повод Националниот ден на Данска, објави „Ројтерс“.

Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека сака Америка да го преземе стратешки лоцираниот арктички остров, богат со минерали, од причини поврзани со националната и меѓународната безбедност, без да ја исклучи употребата на сила за постигнување на таа цел, потсети агенцијата.

Фредериксен додаде дека Гренланд и Данска биле изложени на неприфатлив притисок од нивниот најблизок сојузник во последните месеци.

Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, за време на посетата на Гренланд во март, ја обвини членката на НАТО, Данска, дека не прави доволно за безбедноста на островот и предложи САД подобро да го заштитат.

ИЗДВОЕНИ