-Претставата е интересно, возбудливо аудио-визуелно патување низ слики што се дел од нашата колективна меморија. Човек се обидува да патува низ времето на Македонскиот народен театар. Патувајќи низ времето, секој ден, на секоја проба, човек се навраќа на сите важни периоди на МНТ и на сето она што било важно не само за овој театар туку и за македонската култура – посочи режисерот Дејан Пројковски на прес-конференцијата на која беше најавена премиерата на „Сонцето, колку е блиску сонцето“ што ќе се одржи на 29 декември, во 20:00 часот, на големата сцена на Македонскиот народен театар, а со што ќе се одбележи 80-годишнината од постоењето на оваа театарска институција
– МНТ има своја важна улога во македонската култура и оттаму тргнавме со целата идеја за овој перформанс. „Сонцето, колку е блиску сонцето“ е првата изговорена реплика во МНТ и затоа одлучивме дека тоа е најадекватното име за претставата. Всушност, таа реплика го отвори бескрајот, го отвори универзумот наречен МНТ и таа реплика нè води низ целата претстава. Она што ми беше јасно на почетокот е дека претставата треба да биде рефлексија на сето она што е МНТ или рефлексија на монографијата што излезе за театарот по повод 80-годишнината. Сакам да кажам дека ние создаваме еден уметнички перформанс што повеќе се занимава со театарот и со играта како феномен, а многу помалку со фактографијата затоа што тоа не е намерата на претставата – рече на денешната прес-конференција режисерот Дејан Пројковски на сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“, кој премиерно ќе биде изведен на 29 декември, во 20:00 часот, на големата сцена на Македонскиот народен театар, а по повод одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на оваа театарска институција.
Заблагодарувајќи се за укажаната чест, истакна дека се големи одговорноста и возбудата кога се работи јубилеј.
– Човек се обидува да патува низ времето на Македонскиот народен театар. Патувајќи низ времето, секој ден, на секоја проба, човек се навраќа на сите важни периоди на МНТ и на сето она што било важно не само за овој театар туку и за македонската култура – посочи режисерот.
Објаснувајќи за претставата, Пројковски посочи дека во еден дел таа се навраќа на култните претстави што се родиле во МНТ како „Буре барут“, „ММЕ кој прв почна“, „Среќна нова `49“, „Кенгурски скок“, „Макавејските празници“…
– Тоа се претстави што се дел од темелот што се нарекува современ МНТ денес. Што се однесува до другиот дел на претставата, таа се занимава со создавањето архетипски слики на сето она што е поврзано со македонската драма, поезијата, ликовната уметност, музиката, сето она што е дел од нашата колективна меморија. Си дадовме задача да го преведеме сето тоа на еден современ сценски јазик. Она што е многу интересно, а што го добивме во процесот на работа, е како почнуваат да звучат современо нашата битова драма и постарите драмски дела, преку некои алатки што ги користевме, како што се ве-ефектот на Брехт (ефектот на отуѓување), епскиот театар на Брехт… Од друга страна, доста успешно имаме дел од системот на Мејерхолд и, секако, Станиславски, иако особено би го истакнал Брехт – додаде Пројковски.
Тој зборуваше и за режисерските методи што се применети во претставата, а со цел да се создаде современ контекст на целата драматургија.
– Ме радува и што успеавме во еден дел од нашата претстава да се занимавме со елементите што ја носат античката трагедија во себе како „Сердарот“, „Болен Дојчин“, а тука конкретно се занимаваме со катарзата и како треба да се игра таа во современиот театар. Мислам дека направивме една претстава со која ќе бидеме достојни на 80- годишниот јубилеј и на сите големи актери, драматурзи и режисери што го поминале својот живот во МНТ, а ние, како нова генерација, сме должни да ја оддадеме таа почит. И она што е најважно е што направивме еден многу интересен спој на она што веќе го кажав. Претставата е интересно, возбудливо аудио-визуелно патување низ слики што се дел од нашата колективна меморија.
Тој посочи и дека, како дел од претставата, ќе бидат сцени/ликови/приказни/песни/ визуелни асоцијации од македонските драмски автори, писатели, поети како Дејан Дуковски, Горан Стефановски, Јордан Плевнеш, Григор Прличев, Живко Чинго, Васил Иљовски, Војдан Чернодрински, Ристо Крле, Кочо Рацин, Никола Вапцаров, Коле Неделковски, Блаже Конески, Гане Тодоровски… но и од народните приказни и од митологијата.

Како што посочи на прес-конференцијата Никола Кимовски, директорот на МНТ, осум децении Македонски народен театар значат многу повеќе од хронологија.
– Тие значат сцена како простор на слободна мисла, одговорност и визија. Значат генерации уметници што го сфаќале театарот не како професија, туку како животен повик. Во тој контекст, сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“ не е јубилејна театарска форма по инерција, туку релевантен уметнички чин во полн состав. Оваа претстава не ја реконструира историјата линеарно, туку чувствено ја артикулира нејзината суштина. Нејзината амбиција е да го допре она што е втиснато во колективната меморија на МНТ: гласовите, телата, тишината, храбрите одлуки и луѓето на сцената и зад неа, без кои театарот не може да постои – додаде Кимовски.
Како што истакна, претставата, низ силен визуелен и мултимедијален израз создава мозаик од македонските драматургија, поезија, музика и ликовност, како сведоштво за театарот, кој отсекогаш бил дијалог меѓу традицијата и современото, меѓу локалното и универзалното.
Во „Сонцето, колку е блиску сонцето“ учествува ансамблот на Македонскиот народен театар, оперските уметници Ана и Игор Дурловски, како специјални гости, како и студенти по актерска игра и актери од Факултетот за драмски уметности и „Еуропа Прима“. Проектот користи повеќе изразни средства со акцент на 3Д-видеомапингот, создавајќи силно визуелно и емотивно сценско доживување. Помошник-режисер на Пројковски е Андреј Цветановски, а заедно ја потпишуваат и драматургијата. Сценограф е Валентин Светозарев, костимограф Марија Пупучевска, сценските движења се на Олга Панго, 3Д-мапингот на Сергеј Светозарев, дизајнот на маски е на Дарко Дуковски и Елена Дуковска, а композитор на музиката е Горан Трајкоски.
Како што истакна композиторот Трајкоски, музиката ќе биде интегрален дел од театарската претстава и ќе се изведува во живо.
-Музиката можам да ја поделам на два дела, онаа што е подготвена претходно, како скелет, и музика што ќе се создава во живо, како реакција на актерската игра и на режисерските барања. За таа цел, ангажираме и неколкумина музичари како Сашко Костов, Ана Митоска, Орхидеја Дукова и Оливер Настевски. Ова ќе биде претстава со оригинална музика – истакна Трајковски, кому ова му е 100. јубилејна претстава за која компонира авторска музика.
Како претставник на актерската екипа (која го сочинува речиси целиот ансамбл на МНТ од првенците, доајените, актерите од средната генерација, младите…), на прес-конференцијата се обрати актерот Сашко Коцев.
– Голема чест е да се биде дел од овој јубилеј – 80 години МНТ. Голема чест е да се биде рамо до рамо со овие актери, дел од нив се оние поради кои јас се занимавам со актерство. Голема чест е да се биде на оваа сцена, под овие рефлектори. МНТ не е место кое некако ти припаднало или си го добил. Ова е место за кое остро си се борел, си сонувал и си мечтаел. Тој сон ми се оствари пред 18 години и борбата уште трае, да се биде што погоре на пиедесталот, да се биде што подобар, што подобро да те осветли рефлекторот и да те види публиката – истакна Коцев.
Претставата е во траење од 2 часа и 15 минути (во еден дел), а за нејзината реализација и за одбележувањето на 80-годишниот јубилеј се искористени средства од 700 илјади денари од Министерството за култура, но и сопствени средства на МНТ. Следните изведби се закажани за 15 и за 16 јануари. (Н.И.Т.)












