Сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“, во режија на Дејан Пројковски премиерно се изведува вечерва (29 декември), на големата сцена на Македонскиот народен театар, а по повод одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на оваа театарска институција.

Објаснувајќи за претставата, режисерот Пројковски посочи дека во еден дел таа се навраќа на култните претстави што се родиле во МНТ како „Буре барут“, „ММЕ кој прв почна“, „Среќна нова `49“, „Кенгурски скок“, „Макавејските празници“…

– Тоа се претстави што се дел од темелот што се нарекува современ МНТ денес. Што се однесува до другиот дел на претставата, таа се занимава со создавањето архетипски слики на сето она што е поврзано со македонската драма, поезијата, ликовната уметност, музиката, сето она што е дел од нашата колективна меморија. Си дадовме задача да го преведеме сето тоа на еден современ сценски јазик. Она што е многу интересно, а што го добивме во процесот на работа, е како почнуваат да звучат современо нашата битова драма и постарите драмски дела, преку некои алатки што ги користевме, како што се ве-ефектот на Брехт (ефектот на отуѓување), епскиот театар на Брехт… Од друга страна, доста успешно имаме дел од системот на Мејерхолд и, секако, Станиславски, иако особено би го истакнал Брехт – истакна Пројковски.

Истовремено посочи и дека, како дел од претставата, ќе бидат сцени/ликови/приказни/песни/ визуелни асоцијации од македонските драмски автори, писатели, поети како Дејан Дуковски, Горан Стефановски, Јордан Плевнеш, Григор Прличев, Живко Чинго, Васил Иљовски, Војдан Чернодрински, Ристо Крле, Кочо Рацин, Никола Вапцаров, Коле Неделковски, Блаже Конески, Гане Тодоровски… но и од народните приказни и од митологијата.

Според директорот Никола Кимовски тие значат сцена како простор на слободна мисла, одговорност и визија.

-Значат генерации уметници што го сфаќале театарот не како професија, туку како животен повик. Во тој контекст, сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“ не е јубилејна театарска форма по инерција, туку релевантен уметнички чин во полн состав. Оваа претстава не ја реконструира историјата линеарно, туку чувствено ја артикулира нејзината суштина. Нејзината амбиција е да го допре она што е втиснато во колективната меморија на МНТ: гласовите, телата, тишината, храбрите одлуки и луѓето на сцената и зад неа, без кои театарот не може да постои – додава Кимовски.

Претставата, низ силен визуелен и мултимедијален израз создава мозаик од македонските драматургија, поезија, музика и ликовност, како сведоштво за театарот, кој отсекогаш бил дијалог меѓу традицијата и современото, меѓу локалното и универзалното.

Во „Сонцето, колку е блиску сонцето“ учествува ансамблот на Македонскиот народен театар, оперските уметници Ана и Игор Дурловски, како специјални гости, како и студенти по актерска игра и актери од Факултетот за драмски уметности и „Еуропа Прима“.

Следните изведби на претставата се закажани за 15 и за 16 јануари.

ИЗДВОЕНИ