„Косa: Порои на бес“ е насловот на претставата по текст и во режија на Билјана Радиноска, која премиерно ќе се изведе на 5 ноември во 20:00 часот, во Театар Комедија. Во претставата, актерската игра е на Бојан Кирковски.
– „Косa: Порои на бес“ е црна комедија што го истражува парадоксот на современиот човек, а е сместена меѓу стенд-ап и исповед. Оваа монодрама ги отвора прашањата за токсичната машкост, социјалната надмоќ и за невидливите механизми на агресијата што ја обликуваат нашата секојдневност. Бојан Кирковски актерски отсликува серија живописни и контрастни ликови – од скитници до милионери, а претставата создава колаж од гласови кои, секој на свој начин, се обидуваат да ја задржат контролата во свет што одамна ја изгубил рамнотежата. Претставата комбинира хумор и хорор, сатиричност и болка, претворајќи го индивидуалниот немир во општествена дијагноза. Ликовите се смеат, се навредуваат, се исповедаат и се распаѓаат, создавајќи еден непрекинат тек на емоции – помеѓу агресија и ранливост, гнев и самоиронија, се вели во најавата.
Во претставата, како глас настапува и Ненад Митевски, аудиомонтажата е на Душица Настова, а дизајнот на плакатот е на Соња Ставрова.
Претставата е продукција на „Театар за Магдалена и Бојан Кирковски“ и на „Лист Продукција“, а е поддржана од Министерството за култура и од Театар Комедија – Скопје.
Првата реприза е закажана за 6 ноември.












