Претставата „Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски-Попова, работена по текст на Џона Адамс, премиерно ќе биде изведена на 9 мај со почетокот во 20:00 часот, во Драмскиот театар – Скопје.

Како што истакнува Милошевски-Попова, претставата „Гидионовиот јазол“ е моќна и вознемирувачка приказна за вината, одговорноста, тагата и за сложениот однос во комуникацијата, како и за состојбите во образовниот систем, проблемите со кои се соочува детето во периодот на детството.

– На училишна средба меѓу мајката Корин и наставничката Хедер, која се случува по еден трагичен настан, преку деликатен, емотивно исполнет/напнат дијалог, се отвораат прашањата за детската креативност, слободата на изразување, уметноста, одговорноста на наставниците и на родителите, социјалните мрежи, врсничкото насилство, за осаменоста. Преку нив, постепено се разоткрива длабоката болка и се бара, па и се посочува, можниот виновник – додава режисерката.

Улогите во претставата ги играат актерите Биљана Драгиќевиќ- Пројковска, Ања Митиќ и децата од Студиото за актерска игра „Прва проба“: Саша Димитриевска, Леа Стојков, Мина Ѓаку, Ина Прокоповска, Катја Бешлиева, Бистра Стефановска, Јана Нешевска, Матеј Марковски, Јоанис Далајоргос.

Драматург е Викторија Рангелова-Петровска, инспициент е Гоце Бојчев, а суфлер – Жаклина Цветковска.

Џона Адамс е претставничка на новата генерација американски драмски писатели. Таа е авторка на 20 драмски текста во кои ја гради драмската структура преку исклучително јаки и богато нијансирани карактери и ги поставува во сложени меѓусебни психолошки ситуации. Тематски обработува општествено актуелни прашања. Нејзини најпознати дела се: „Гидионовиот јазол“ со повеќе од 40 премиерни изведби во целиот свет, како и „Светски градители“, „Без милост“, „Ангел јадач“, трилогија (The Angel Eaters Trilogy). Друштвото на американските театарски критичари ѝ ја додели наградата „Стинберг“ за делото „Гидионовиот јазол“.

Претставата е втора премиера на Драмскиот театар што се реализира од Годишната програма за драмска дејност за 2025 година.

ИЗДВОЕНИ