На 17 ноември 2025 година, со почеток во 20:00 часот, на малата сцена на ЦК „Григор Прличев“ – Охрид, ќе се одржи премиерната изведба на претставата „Хелверовата ноќ“, во продукција на ЗУКЦ „Медија артес“ – Охрид. Претставата е во режија на Александар Јовановски и во неа играат Даријан Петров и Јасмина Билаловиќ.
Базирана на истоимената драма на најпознатиот современ полски драматург, режисер и професор, Ингмар Вилквист (алијас Јарослав Свијершч), напишана во 1999 година, претставата на суптилен и потресен начин ја прикажува чудната врска помеѓу мајка и посинок – млад човек со посебни потреби. Преку слоевитиот однос мајка-дете, старател-штитеник, брат-сестра, маж-жена, џелат-жртва, авторот гради интимна приказна за две различни суштества што се обидуваат да најдат смисла и сигурност во свет што ја дочекува секоја „различност“ со насилство и со осуда.
Во атмосфера на тоталитарниот, фашистички занес од 1930-тите, „Хелверовата ноќ“ ја разоткрива трагичната судбина на оние што не му припаѓаат на мнозинството – оние за кои едноставно нема место во таквиот свет.
Драматуршката адаптација е на Александар Јовановски, Лука Тошев е автор и негов е изборот на музиката, сценограф е Симона Димковска, костимите на Павел Маслов, а дизајнот на светло е на Александар Јовановски.












