Детската театарска претстава „Лефти и Рајти и нивните стари и нови авантури“ ќе добие ново, специјално издание оваа сабота 6 декември во 12:00 часот во книжарницата Literatura.mk во Diamond Mall, кога пред најмладата публика ќе оживее премиерна сцена инспирирана од новата приказна „Лефти и Рајти на викенд“.
Претставата, која веќе е меѓу најпосетените детски настани, продолжува да ја носи препознатливата комбинација од интерактивност, хумор и едукативни моменти. Новата сцена ќе ги одведе Лефти, Рајти и Мими во нивната весела викенд авантура со трчање во парк, нови пријателства и многу игра, преточено во динамична и забавна театрална интерпретација.
По претставата ќе се одржи и едукативна детска работилница во која најмладите ќе учат како правилно да се грижат за своите облеки, како да ги диплат и организираат, и зошто е важно да ја негуваат одговорноста во секојдневието. Работилницата е замислена како весел и интерактивен дел во кој децата учат преку игра и практични примери.
Ова е прва можност публиката да види дел од новата приказна оживеан на сцена, што го прави настанот на 6 декември посебно доживување за сите деца и родители.
Проектот е реализиран со поддршка од Министерството за култура и туризам.












