Театарската претстава „Авантурите на Пинокио“ од Карло Колоди, а во режија на Деан Дамјановски, премиерно ќе се изведе на 28 февруари, со почеток од 18:00 часот на Големата сцена на Народниот театар Битола.
Дамјановски во Битолскиот театар „Пинокио“ ја поставува по 30 години. Прв режисер на претставата пред 30 години бил Љупчо Ѓоргиевски, кога ликот на Пинокио го толкувала актерката Валентина Грамосли која повторно ќе настапи, но сега во улогата на Штурецот.
Во новата претстава, ликот на Пинокио го игра актерот Никола Стефанов, а во останатите настапуваат и Марјан Георгиевски, Јулијана Мирчевска, Маја Андоновска Илијевски, Катерина Аневска Дранговска и Александар Димитровски.
Сценографија е на Сергеј Светозарев, костимографија на Андреј Ѓоргиевски, композитор Марјан Неќак, а ментор на Театарска школа „Бабец“– м-р Јулијана Мирчевска.
Приказната ја следи дрвената кукла Пинокио изработена од столарот Џепето. Најголемата желба на Пинокио е да стане вистинско момче, но на тој пат често запаѓа во неволји поради својата лесноумност и непослушност. Најпознатата карактеристика на Пинокио е неговиот нос, кој расте секогаш кога тој ќе каже лага.
По првпат, книгата „Авантурите на Пинокио“ се појавила во 1881 година, кога во „Детско списание“ била објавена првата епизода, со наслов „Приказна за една кукла“, по што следувале и други епизоди од книгата. До смртта на авторот, книгата доживеала пет изданија, а потоа, со текот на времето, таа станала класика на детската литература. Денес, се смета дека „Пинокио“ е книга со најголем тираж во светот, по Библијата и Коранот. Приказната има бројни филмски адаптации, вклучувајќи го класичниот анимиран филм на „Дизни“, како и поновите верзии на режисерите Матео Гароне и Гилермо дел Торо.












