Европскиот комитет за социјални права (ЕЦСР) при Советот на Европа предупредува дека во многу членки постојат сериозни пропусти во заштитата на работничките права. Заклучоците за 2025 година укажуваат на прекумерно работно време, несоодветна заштита за ранливите категории работници, разлики во платите меѓу половите, бариери за ефикасно колективно договарање и на несоодветно справување со новите ризици на работните места.
Претседателката на ЕЦСР, Ефа Нолан, истакнува дека, и покрај знаците на напредок, многу држави членки „сè уште имаат долг пат за да ги гарантираат клучните работнички права предвидени со Европската социјална повелба“. Комитетот посочува дека тековните предизвици вклучуваат прекумерно работно време, неадекватни заштитни мерки за одредени видови работни места и постојана полова нееднаквост во платите.
ЕЦСР забележува дека во многу земји не се преземени доволни мерки за зајакнување на слободата на здружување на работниците, особено во секторите со мала стапка на синдикална организираност. Дополнително, некои професионални сектори сè уште дозволуваат неделно работно време над 60 часа, со што се загрозуваат здравјето и безбедноста на работниците.
Комитетот, исто така, укажува на недоволна заштита на здравјето и на безбедноста на ранливите категории работници, како што се оние што работат на дигитални платформи, од далечина, како самовработени или ангажирани преку подизведувачи. Иако има мал напредок во намалувањето на јазот во платите помеѓу половите и зголемувањето на застапеноста на жените во управните одбори, и натаму постои полова нееднаквост.
Структурните и правни пречки сè уште ги ограничуваат колективното договарање и правото на штрајк, особено за државните службеници во полицијата, затворите, здравството и контролата на воздушниот сообраќај. Недостигот на мерки за справување со психосоцијалните ризици и со ризиците од климатските промени и загадувањето, исто така, е алармантен.
Во заклучоците се наведуваат и конкретни земји, меѓу кои: Македонија, Австрија, Андора, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Германија, Грузија, Данска, Ерменија, Естонија, Летонија, Литванија, Луксембург, Малта, Молдавија, Полска, Романија, Словачка, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Црна Гора и холандската територија Курасао.
ЕЦСР ги охрабрува државите членки да дејствуваат брзо по препораките, да ја зајакнат заштитата за сите работници и да ги промовираат еднаквоста и колективните права како основа за социјална правда и инклузивност во Европа.












